Во твојата биографија пишува дека си „пионер на уметноста создадена со мобилен телефон“. Што точно подразбира ова - кога почна да се занимаваш со ваков тип дигитална фотографија, каква опрема имаше тогаш, и од кого односно од каде учеше?
Започнав пред шест години, чепкајќи по програми за преработка на фотографии на мобилен, и откога сфатив дека моите уметнички визии најлесно ќе можам да ги прикажам на овој начин, се фатив за работа. Можностите на мобилните телефони тогаш беа доволни, но сегa имате мобилни телефони и со камери oд 108MP.
Идејата за MobilePhoneArt си доаѓаше сама, па кога Галерија Гауди од Мадрид ме поканија да изложуваат мои дела имав потреба делата да бидат отпечатени, врамени- дигитален принт. Сега сè правам на мобилен, до подготовка за печат, тоест од мобилен го праќам делото во печатница.
Кои се според тебе најголемите предности но и можни предизвици кога станува збор за фотографија од мобилен, споредено со фотографија од дигитален фото-апарат? (на пример спонтаност и практичност, наспроти фотографија со подобри технички можности)
Не знам, никогаш не сум бил, ниту ќе бидам фотограф. Го немам тоа око, какви што мајстори има, и кај нас. Мојот интерес, мојата уметност е деконструкција на тоа што ќе сликам. Секако дека мобилната камера со резолуцијата која денес ја има ја нуди спонтаноста за „овековечување“ на моментот, на сенката, на амбиентот...
Телефонската технологија постојано напредува, а исто така и алатките за обработка на фотографии. Што од ова користиш во моментов и која би била почетната точка од која би требало да тргне некој што се интересира за истото?
Од програми користам Рhotogrid, Тoolwiz Photos Рro, Мirror Lab Рro. Ако имам потреба од „будалаштина“ за некое дело, трагам по други програми. Почетната точка е Креативност. Уметноста се искажува со камчиња, со песок, со четка, со молив, со пенкало, преку реченици, преку стих, песна, мелодија, ритам, денс, перформанс.... Воопшто не е важен медиумот за уметнички израз. Мобилните телефони, смарт телефоните и те како нудат можност за уметничко изразување. Симнете ги програмите и играјте си со својата креативност и уметност!
Твоите слики се изложувани на значајни фотографски настани, меѓу другото во Виена, Базел, Марбеља, Доха, каде си држел и мастер-клас. Дали фотографијата создадена и уредена со мобилен се смета за посебен фотографски жанр, или се вклопува во поширокиот контекст на дигиталната фотографија? Има ли внатре самата „ниша“ некои подподелби?
Да, со Галерија Гауди од Мадрид, на Арт Фестивал во Стокхолм, каде бев претставен со 5 дела, забележавме дека јас сум единствен дигитален уметник кој работи на мобилен, што и беше своевиден куриозитет на самиот Фестивал. Сите се интересираа за MobilePhoneArt и приказната почна. MobilePhoneArt значи делото да се креира и спреми за дигитален принт на мобилен. Од почеток, до крај. Вистинска верификација беше Фестивалот во Доха, со Мастер клас, за кој добив и награда од Катарскиот Фестивал.
Инаку постои мобилна фотографија, како дел од дигитална фотографија, но јас не припаѓам таму, но јас сум MobilePhoneArt. Сепак, досега на сите АртФестивали каде учествувам, Виена, Марбеља, Базел, Мадрид, Стокхолм, Доха, сè уште сум единствен кој работи на мобилен. На нив нема ни Mobile Photography.
Ти си меѓу ретките уметници од Македонија кој ги продава своите дела како NFT. Какво ти е искуството со ваквиот начин на работа?
Мои дела како NFTs, имам на повеќе маркети: foundation.app, opensea.io, rarible.com. По Доха, Катар, ме контактираа и маркети од Дубаи и Абу Даби, и учествувам со мои NFTs и таму, а тоа се Oasisx.world, upyo.com, Niftysouq.
На твоите фотографии преовладуваат урбани пејзажи, апстрактни геометриски форми, игра на живи бои, архитектура. Што од сето ти е сепак најдраго?
Не можам да одделам. Се работи за чиста експресија, која се обидувам да ја пренесам во секое дело. Принципот ми е - секојдневно работам по 3-4 часа, "си играм на мобилен",.... Некои дела се еден клик-една фотографија. Некои се "траги од светло". Други се тотална деконструкција, во обид да прикажам чувство. Трети апстракции... Едноставно пукам тоа што ќе излезе од мене. Минимализам... Самото излегува. Додека работам, слушам амбиентална музика и тотално "бегам" во себе, трагајќи по ново. Наутро, со прво кафе, ги проверувам делата од пред 7-10 дена, и ако налетам на некое кое и мене ќе ме изненади - (wow фактор), знам дека тоа дело е готово, и го објавувам на инстаграм.
It's All About Being Artistic!
Повеќе фотографии од Душан тука
фото: Хавса Забир