Духот на Џамбо: слонот што бил прегазен од воз

На 15 септември 1885, дваесет и пет години откако бил заробен во Судан, слонот Џамбо трагично го загубил животот кога бил удрен од товарен воз. И ова не е единствен ваков измислен или реален случај, кој ги разоткрива латентните анксиозности на преминот од 19 во 20 век.

Во книгата од 1886, „Кралот на слоновата коска“, американскиот природонаучник Чарлс Фредрик Холдер го опишува статусот на слоновите низ призмата на оние кои се занимаваат со конзервација на животната средина. Иако признава дека слонот е „вистински крал на ѕверовите, најголемото и најмоќното од постоечките земни животни“, тој сепак го смета за „проколнат“. Причина за тоа се ловците на кои тој им е привлечен уште од предисториски времиња, како и современите трговци со слонова коска. Како главна причина за уништувањето на слоновите тој го наведува рапидното напредување на Британците на Истокот, воведувањето на железницата и генералниот напредок на Индија, каде слонот претходно имал огромна стопанска и симболичка улога. Иако е „крал“, слонот сепак не може да се натпреварува со парната локомотива и другите западни технологии. 

Споредбата на животните со машините е стара колку и технологијата. Пронаоѓањето на парната локомотива коинцидирала со проширувањето на европскиот империјализам во делови од светот (Африка, јужна и југо-источна Азија) кои се дом на слоновите. Од западна перспектива, тие биле моќни и импресивни животни кои вршеле голем дел од работата која ја вршеле машините во Европа и Северна Америка. Но истовремено, постоела свест дека модерната технологија не само што е супериорна во однос на физичката работа на слоновите, туку дека таа на крај ќе ги замени, што може да значи и нивно истребување. 

Во романот „Тешки времиња“ на Дикенс од 1854, тој ја опишува сличноста помеѓу „клипот на парната машина кој монотоно оди нагоре-надолу“ и „главата на слонот во состојба на меланхолично лудило“ - слика која ја повторува дури четири пати во релативно краток роман. Слонот е технологија на колонијалната другост, и оттаму предмет на фантазии за западна доминација. Истовремено, мешавината на меланхолија и лудило зборува за културолошката анксиозност поврзана со исто така моќната и непредвидлива индустриска машинерија на викторијанската ера. 

Симболичниот судир помеѓу железницата и слоновите често пати резултирал со буквални судири. Најдобро познатиот е оној поврзан со смртта на слонот Џамбо во 1885. Спомнатиот Холдер му посветува цело поглавје, опишувајќи ја приказната за неговото фаќање во Африка, долгиот период во Лондонската зооолошка градина, како бил продаден на П. Т. Барнум (за него претходно види тука), што предизвикало скандал помеѓу британската јавност, и сцената на смртта на Џамбо во Онтарио. По последната изведба во циркусот на Барнум, Џамбо бил донесен до неговиот вагон, кога товарен воз кој во тоа време не требало да минува тука удрил во вагонот. Телото на Џамбо тешко 6000 килограми успеало да ги извади од шините и возот и два други вагона, но не оддолеало на ударот. Во својата автобиографија Барнум ја опишува неговата смрт како „универзално прокламирана и жална трагедија“, велејќи дека добил стотици телеграми и писма со сочувство. 

И ова не било претерување. При комеморација на трагедијата, сто години подоцна, градот Ст. Томас кадешто таа се случила поставил статуа во природна големина на слон. По смртта на Џамбо, неговиот труп бил препариран, и продолжил да патува со Барнум, кој подоцна го донирал на универзитетот Тафтс, каде слонот станал маскота на училиштето. Препарираниот Џамбо бил уништен од пожар во 1975. Сè што останува од него е опашката и мал куп пепел, која се чува во тегла од путер од кикирики, во канцеларијата на спортскиот директор на Тафтс. 

извор

9 август 2022 - 10:40