Ефектот на Барнум го добил своето име по П. Т. Барнум, „најголемиот шоумен на светот“, писател и политичар но најпознат како сопственик на циркус, за кого Хју Џекмен го сними истоимениот филм. Неговото име за овој ефект најверојатно е одбрано бидејќи тој добро заработувал од измами, на пример преку прикажување на тн. Сирена од Фиџи, која всушност била глава на мајмун зашиена на тело на риба. Во психологијата ефектот се однесува на наивноста на луѓето кога читаат описи на самите себе. Иако тие се многу општи и можат да важат за секого, начинот на којшто се составени прави да си речете „да бе, ова ми е баш погодено“.
Второто име на ефектот е Форер, поради психологот Бертрам Р. Форер кој во 1948 им дал тест за личност на своите студенти, а потоа им понудил анализа, наводно врз основа на нивните резултати. Ги замолил да ја оценат точноста на анализата на скала од 0 (најниско) до 5 (највисока точност) и просекот бил 4.26. Потоа на сите им кажал дека всушност им ја дал истата анализа. Меѓу описите ги имало следниве: Имате потреба другите луѓе да ве сакаат и да ви се восхитуваат, па сепак сте критични кон себеси. Иако имате некои слабости генерално сте способни да ги компензирате. Имате голем неискористен капацитет кои се уште не сте го свртиле во своја полза, итн.
Всушност ова е истиот метод кој го користат лажните исцелители и психотерапевти, астролози, видовити и магионичари. Еден од најочигледните примери се хороскопите, кои се така напишани што дури и да се заменат знаците секој би можел да се пронајде во напишаното.
Сепак, има и некој систем во составувањето на ваквите фрази. Еден од најчестите принципи е нагласувањето на констрастот помеѓу внатрешното искуство и надворешното однесување, на пример „иако сте дисциплинирани и контролирани однадвор, имате тенденција да се грижите и да бидете несигурни одвнатре“. Со оглед на тоа што нема објективна мерка за тоа колку дисциплинирани би требало да бидеме, овој опис практично значи „подисциплинирани од другите луѓе“.
Всушност, доколку го замениме „вие“ со „повеќето луѓе“ во најчестите описи кои го имаат изјавите, работите стануваат појасни, затоа што „повеќето луѓе“ чувствуваат дека имаат неоткриен потенцијал, „повеќето луѓе“ се позагрижени и со помалку самодоверба одвнатре. А уште поголем број од нив (од нас) би се согласиле со опис кој ни оди во прилог и е позитивен, а такви се повеќето.