При крајот на 1941 американските весници известиле за нов моќен пар кој пристигнал во Вашингтон. Максим Литвинов бил сталинов човек од доверба уште во 1930-тите, и им бил познат на Американците како стар болшевик кој го отворил патот за САД формално да ги признае СССР во 1933. Сега се вратил во Америка како воен амбасадор, но овој пат покрај себе ја имал и сопругата, Ајви. Обајцата пристигнале во стари и излитени алишта, што според медиумските толкувања ги претставувало предизвиците на завојуваниот Советски сојуз.
Набргу почнале да фрчат покани, шанса за Ајви да се покаже во вистинското светло. Како Британка во СССР таа веќе била навикната да биде под око на јавноста. Во Москва била домаќинка на англофонски посетители, за кои организирала чајанки и ја користела можноста да зборува на својот мајчин јазик. Во Америка така станала неофицијална дипломатка, не само поради сопругот, туку и поради своето потекло и емпатичен однос кон соговорниците. Името „Мадам Литвиноф“ набргу станало „бренд“, а луѓето се прашувале како воопшто дошло до тој брак, помеѓу еден апаратчик и една надарена писателка и преведувачка.
Всушност, љубовната приказна на Ајви и Максим била неочекувана уште од почетокот. Двајцата се сретнале во Лондон во 1915. Таа била модерна млада жена која неодамна ги објавила своите два романа и имала големи амбиции за книжевна кариера. Литвинов бил средовечен руски болшевик кој живеел во егзил од царистичката империја. Едвај зборувал англиски, со тежок акцент. Носел претесна облека од чии џебови постојано паѓале хартивчиња со белешки. Таа му сугерирала - место да го чита Маркс, да посвети време на Џејн Остин. Шетале низ британската провинција, се заљубиле и се зеле во 1916. Тој сепак јасно ставил до знаење - дека кога ќе тропнат „тапаните на револуцијата“ тој ќе ги следи, дури и по цена да мора да ја напушти.
Така започнала „црвена романса“ - додека сопругата се грижела за семејството (имале две деца) тој се грижел за социјалистичката револуција во татковината. Семејството му се придружило во Москва во 1923, каде Ајви на почетокот не можела да се вклопи. Ниту била нешто посебно политички образована, ниту ја интересирала револуцијата. Истовремено не вложувала многу напор да се преправа дека е поинаку.
Така, наместо да се дружи со советите, одбрала да биде домаќинка и рамо за плачење на англофоните кои во СССР доживувале културен шок. За Кремљин ова било одлично, затоа што барем знаеле кое е местото каде се собираат потенцијалните шпиони и кој ги дружи. Во 1933 на чај дошол и eден друг Маркс, американскиот комичар Харпо, како дел од американска турнеја на добра волја низ СССР. Неговиот водич речиси и да не зборувал англиски, храната била грозна, никој не се смеел на неговите вицеви. Во Ајви нашол соговорник и некој што го упатил во рускиот дух. „Одеднаш, следниот ден, целиот изглед на земјата како да се промени. Веќе не беше толку сив“, напишал тој во своите спомени, по средбата со неа.
Пријателствата со странците на Ајви и донело слава но и привилегии - тие носеле подароци, потрошувачки стоки кои тешко или никако не се наоѓале во СССР. Во 1934 Венити Фер ја нарекол Ајви Литвиноф „неофицијална хостеса на Советскиот сојуз“, а во 1942 Њујорк Тајмс напишал дека иако Максим бил човекот заслужен за тоа што СССР и САД почнале да зборуваат, Ајви била онаа која воспоставувала пријателства и била вистинската „инфлуенсерка“.