„Драга Британијо“

Неколку европски писатели им пишуваат отворено писмо на жителите на Островот, споделувајќи ги своите размислувања за тоа дали вреди да се остане или да се излезе од ЕУ. Во основа она што им го велат е - не си одете!

Тимур Вермеш

Германија

(за неговата „Види кој се врати" види осврт тука)

Драга Британијо,

Ајде да бидеме кратки: што е ЕУ? Тaа е последица на Втората светска војна. Тaа е обид нештата да бидат подобри.

Дури и ако тоа не е секогаш најдобро за вас.

Голем број луѓе низ цела Европа не ја споделуваат веќе оваа амбиција. Тоа е разбирливо, затоа што 60 милиони луѓе требало да умрат пред повеќето од оние кои останале живи да сфатат дека ова е амбиција која вреди. А тоа било одамна. Секој има право да чека додека ваквото гледиште не му дојде природно. Но таквите треба да го знаат и ова: следниот пат нема да го добијат на толку лесен начин.

Јанис Варуфакис

Грција

Драга Британијо,

Минатата година се обидов, и не успеав, да ги убедам највисоките функционери на ЕУ да се однесуваат хумано со мојата земја која долго време страда. Сега ви пишувам со необична молба: да останете во истата таа ЕУ - да, онаа која ја сотре нашата атинска пролет и сè уште се однесува грозно.

Некои на оваа моја молба ќе ѝ припишат таблоидна логика („Варуфакис сака Велика Британија да остане за да ги исплати грчките долгови"). Други ќе ме обвинат за напуштање на борбата за обновување на демократијата. Сепак, верувам дека вашата љубов кон монтипајтоновските парадокси ќе ве води низ она што навидум изгледа како контрадикција.

Причината зошто сакам да останете е во тоа што гласањето за заминување не значи дека ќе бидете навистина „аут". Наместо да избегате од ЕУ; Брекгзит ќе ве врзе за Европа на еден уште повалкан, потажен и поопасен начин, и за вас и за остатокот од планетата.

Господарите на Градот никогаш нема да дозволат една нова влада на Борис Џонсон воопшто да помисли да го напушти единствениот европски пазар, и покрај мрчењата на Мајкл Гоув. Што значи дека сите предмети кои ќе се продаваат во вашите продавници ќе мора да се придржуваат кон стандардите дефиницирани во Брисел, вашите правила за заштита на животната околина ќе се дефинираат во Брисел, а регулацијата на пазарот ќе биде (погодивте) одредена во Брисел.

Тоа значи дека дури и по Брегзит, повеќето од вашите закони ќе бидат напишани во истите досадни бриселски ходници како и до сега, само што нема да можете да учествувате во нивното формирање. Со вашата и онака нарушена демократија ќе останете засекогаш заглавени, иако многу помалку моќни, во Европа чија фрагментација ќе ја забрза Брегзит.

ЕУ е без сомнение бирократска, спротивна и навредлива кон парламентаризмот кој јас и вие го почитуваме. Оттаму, може да заклучите дека забрзувањето на фрагментацијата на ЕУ и не е толку лоша идеја. Помислете повторно! Дали нејзината дезинтеграција ќе придонесе да се појават прогресивни демократи низ Европа, дали тоа ќе ги зајакне нивните парламенти, дали ќе ги поддржи силите на светлината и на надежта, дали ќе поттикне хармонична соработка на континентот? Тешко.

Фрагментацијата на ЕУ ќе го подели континентот на најмалку два дела, при што линијата на прекршување ќе се движи по реката Рајна и по Алпите. На североисток ќе владее дефлација, а милиони Германци, Полјаци и други ќе загубат работа. Во „латинскиот" дел инфлација со невработеност ќе биде секојдневие. Само политичките чудовишта ќе преживеат во ваква ситуација, ширејќи ксенофобична мизантропија насекаде, обезбедувајќи дека и вие ќе бидете вовлечени во вртлогот кој ќе следи.

Затоа ве повикувам да останете во нашата грозна ЕУ. На европските демократи сте им потребни. И ние сме ви потребни вам. Заедно имаме шанса за обновување на демократскиот суверенитет низ Европа. Нема да биде лесно. Но вреди да се проба.

Кога бев студент еден близок пријател кој мразеше забави сепак никогаш не пропушти ниту една, само за да може да мрчи следниот ден. Ве молам немојте да бидете како него. Останете во ЕУ со ентузијазам за нашата заедничка кауза: да се вооружиме против морето проблеми, и со тоа што ќе им се спротивставиме, да им ставиме крај.

Јонас Јонасон

Шведска

(за неговата „Стогодишникот кој скокна од прозорец и исчезна" тука)

Драга Британијо,

Имаш многу таленти. На пример играње фудбал. Правење пристојно пиво. Зборување јазик кој луѓето го разбираат. Од друга страна, како да имаш проблеми со возењето. На погрешната страна си, знаеш. Но изгледа дека функционира, сè додека сите ја правите истата грешка.

И беше повеќе од храбра во текот на војната. Черчил рече дека сè што има да понуди е крв, пот и солзи. Но ти остави самодоверба. Ти го научи светот и себеси дека Британецот е Британец е Британец. Во меѓувреме, Швеѓаните ги пуштија нацистите низ нивната земја, со капата в рака.

Војната е лоша. Па сепак Европа беше во војна долго време во првата половина на 20 век. Повеќе од 50 милиони Европејци загинаа. И дојдовме до разумен заклучок: одлучивме да работиме заедно, преку границите, за напаѓањето на соседот да изгледа како да се напаѓаш себеси. Го нарековме Европска заедница за јаглен и железо, прилично инвентивна измислица на француски политичар со германско потекло. Како што се придружија повеќе земји, така оваа заедница на крај прерасна во ЕУ. Педесет милиони умреа во првата половина на минатиот век. Педесет илјади во втората. Доколку не се случеше падот на Југославија, немаше воопшто да постои ваква официјална бројка.

Но освен тоа има нешто што се вика меморија. Имаме навика многу да забораваме. Како кога Англија не можеше да ја победи Шведска во фудбал цели 24 години (бевте изненадени секогаш кога ќе победевме). Или како ЕУ, и зошто таа е воопшто формирана. Во Шведска луѓето пишуваат за тоа дека на Британија ќе ѝ биде полошо откако ќе си замине од унијата. На фактот дека тоа ќе биде катастрофа и за сите нас му се придава помалку значење. Мислам дека Брегзит ќе биде почеток на крајот на период на мир без преседан во срцето на Европа. Без вас ЕУ ќе се распара по рабовите. Посакувам да останете, за сите ние заедно, со пот, солзи но не и со крв, да го насочуваме мировниот проект на Европската Унија во вистинската насока. Доколку прифатите, можете да возите на која страна од патот сакате. Дури и ќе ви дозволиме да победите на Еуро 2016 ова лето. На крајот на краиштата, менаџерот на англискиот тим е практично полу-Швеѓанец.

За другите писма до Британците на познати личности тука

22 јуни 2016 - 17:34