ДР Конго и Република Конго поднесоа апликација за впишување на румбата како нематеријално културно наследство на светот, односно за нејзино вклучување на листата на УНЕСКО. Доколку тоа се случи, румбата ќе биде во доброто друштво на културата на сауните на Финска, традиционалните системи за наводнување на Обединетите Арапски Емирати, балканските мартинки, македонското соборско оро „Копачка“ или верскиот обред од штипско „Четрсе“, и уште многу други обичаи, обреди и танци од светот.
Румбата во Конго е поврзувана не само со забава туку и со антиколонијалните движења. Ле Гранд Кале, што е сценското име на Џозеф Кабаселе, е автор на „Ча Ча на независноста“, стара химна која требало да ги убеди политичарите да ги остават на страна своите разлики и да обезбедат независност. Песната била премиерно изведена во Брисел во февруари 1960, создавајќи тензии во текот на преговорите за ослободувањето на Конго од Белгија. По четири месеци, земјата била слободна. Република Конго, на спротивниот брег на истоимената река, истата година станала независна од Франција.
И шеесет и една година подоцна, румбата останува во с’ржта на африканската музика. Таа е создадена при мешањето на ритмите на робовите-Африканци со мелодиите на шпанските колонизатори во 19-вековна Куба. Во раниот 20 век таа е повторно извезена кон Африка на винили, каде наишла на моментално прифаќање, бидејќи жителите на двете Конгоа ги препознале ритмите како свои.
Зборот „румба“ потекнува од „нкумба“, и означува папок на локалниот јазик. Тоа е танц кој потекнува од „древното кралство Конго“, како што пишува во поднесокот до УНЕСКО.
„Кога нашите предци биле однесени во Америките во 15 и 16 век, тие сакале да се сеќаваат на својата историја, потекло, да ја сочуваат својата меморија, па оттаму го танцувале овој танц на папокот“, изјавила министерката за уметност и култура на ДРКонго. „Сакаме румбата да биде признаена како наша. Таа е нашиот идентитет.“
УНЕСКО ќе ја објави својата одлука во ноември.