Сценариото за филмот во 1970-тите го пронашол синот на Чаплин, Мајкл, кој денес има 69 години. Врз основа на овој материјал, како и на богатата архива која била ставена на располагање од семејството, авторот Пјер Смолик напишал книга под истоимениот филмски наслов, во којшто детално ги анализира плановите и белешките на режисерот. Книгата е објавена оваа недела во Швајцарија, каде Чаплин ги поминал последните 24 години од животот.
Синопсисот за приказната е напишан во 1969, кога Чаплин имал 80 години, а на проектот работел уште две години на неговиот идиличен имот во Маноар де Бан, покрај Женевското езеро. Викторија, ќерката на Чаплин, требало да ја игра главната улога на девојка-птица, „фрик" родена во семејство на британски мисионери, која еден ден паѓа на покрив на професор кој работи во Чиле. Тој ја прибира, ѝ дава име Сарафа, а неговата куќа станува место за аџилак за инвалиди кои во девојката гледаат ангел кој може да ги излечи. Но Сарафа е киднапирана и однесена во Лондон, каде ја изложуваат пред публика како „чудо". Таа бега назад преку Атлантикот, но не успева во тоа - се дави и умира. За улогата веќе биле направени крилја од лебедови перја, кој авторот ги пронашол помеѓу останатите архивирани реквизити.
Објаснувањето зошто филмот никогаш не бил снимен веројатно лежи во староста на Чаплин во тој момент - тој бил перфекционист кој не сакал ништо да му препушти на случајот, па не се чувствувал доволно способен за уште една ваква задача. Биле снимени неколку пробни сцени, како таа кога ангелот глуми паѓање во океанот на тревникот на семејната куќа, како и бројни фотографии. Сценариото пак долго време било чувано подалеку од очите на јавноста, а семејството одлучило да му го покаже на Смолик во 2010, откако тој веќе имал напишано друга книга за Чаплин. Крилјата на ангелот ќе бидат изложени во музеј кој треба да се отвори во април во Маноар де Бан, последното живеалиште на Чаплин.