Потребно е да си навистина вешт шарлатан за да убедиш некого дека е добра идеја да ги спои твоите мадиња со оние од прч, за тестостеронот од вториве да ти ја излечи импотенцијата.
Но Џон Бринкли бил токму таков - вешт на зборови и на саморекламирање. Тој во 1920-тите и 1930-тите направил милиони долари со имплантирање тестиси од прчови на скротумите на возрасни мажи, за да ја разбуди нивната сексуалност. Немал соодветно медицинско образование, а својата диплома ја имал купено или фалсификувано. „Ксенотрансплантацијата“ (пресадувањето на органи од животни на луѓе) тогаш звучело како револуционерен метод, кој Бринкли агресивно го рекламирал, најпрвин преку неофицијални радио станици кои ја преминувале границата на САД и „зрачеле“ и во Мексико.
До моментот кога станало јасно дека е измамник (а за тоа биле потребни цели 20 години), Бринкли оперирал во клиника со 16 соби во Канзас. Таму ги освоил симпатиите на локалното население со тоа што им плаќал добри плати, ја поттикнал локалната економија и легитимно помагал кога крајот бил зафатен од пандемијата на грип од 1918, што е единствениот позитивен момент во неговите биографии.
На идеја за прикачување животински мадиња на човек дошол кога некој пациент му се пожалил на импотенција. Тој бил првиот на кого била изведена ваквата операција, по што гласот за истото се проширил. Пациентите плаќале и по 750 тогашни (а 11.000 денешни) долари за зафатот. Од него немало кој знае какви негативни последици по оперираниот, бидејќи телото на пациентот типично го аспорбирал туѓото ткиво. Но опасноста лежела на друго место - Бринкли често оперирал во алкохолизирана состојба, неговата клиника била далеку од стерилна, пациентите добивале инфекции а некои од нив и починале од истите. Бринкли бил тужен десетина пати за смрт на пациенти, а вкупниот број на починати се проценува на околу 50.
Во 1930 Медицинскиот одбор на Канзас одржал формално сослушување за да одлучи дали да му ја одземе медицинската лиценца на Бринкли и заклучил дека тој изведувал „организирано шарлатанство“. Шест месеци подоцна Федералната радио комисија одбила да ја обнови неговата дозвола за емитување радио програма .
Но ова не го спречило да почне кампања за гувернер на Канзас, политичка позиција која требало да му овозможи да си назначи свои членови на медицинскиот одбор и да си ја поврати лиценцата. Пристапот му бил популистички, ветувал бесплатни учебници за основците и зголемување на можностите за црното население, пониски даноци и пензии за старите. Кога еден од познатите весници напишал критички текст кој ги спорел неговите квалификации, Бринкли на новинарот му испратил - прч.
На изборите добил 30% од гласовите, а ништо подобро не поминал ни следните два пати кога се кандидирал. Во текот на последните години од својот живот постојано бил по судови, што за својата пракса, што за затајување данок. Во 1941 банкротирал. По три инфаркта и ампутација на ногата, починал во Сан Антонио, Тексас, во 1942, без скршен цент.