Општествената улога на архитектите

Доделена Прицкеровата награда за архитектура 2014

Откако лани Тојо Ито ја доби Прицкеровата награда за стадион во Тајван, уште еден Јапонец се закити со престижното признание за 2014.

Оваа недела престижната наградата за архитектура му е доделена на Шигеру Бан, најмногу заради неговиот дизајн на засолништа користени по природни и воени катастрофи на места како Руанда, Турција, Индија, Кина, Хаити и Јапонија.

„Иновативноста не е ограничена со видот на зградата, и сочувството не е ограничено со буџет. Бан го направи нашиот свет подобро место за живеење", изјавил Том Прицкер, кој е на чело на фондацијата Хајат која ја доделува наградата.

 

Бан почнал со хуманитарната активност во 1994, по геноцидот во Руанда, кога биле раселени повеќе милиони луѓе. Обединетите нации го ангажирале како советник за изградба на привремени населби за бегалците. По земјотресот во 2009 во Аквила, Италија, изградил аудиториум за локалните музичари да можат да продолжат да свират. Помеѓу останатото, бил ангажиран за изградба на привремени училници за децата во Јапонија по цунамито од 2011. Тогаш изградил и трикатница за дваесетина семејства на некогашен терен за бејзбол, којашто ја нарекол свое животно дело.

„Откако станав архитект, бев многу разочаран од нашата професија, затоа што повеќето од нас работат за привилегирани луѓе, кои имаат пари и моќ. Сметав дека архитектите мораат да имаат општествена улога. Мислам дека можеме да го искористиме нашето искуство и знаење за луѓето на кои им е потребна помош", изјавил Бан, кој смета дека и привремените градби можат да бидат удобни и убави. 

Тој е роден во Токио, а студирал во САД, Предава архитектура на Универзитетот за уметност и дизајн во Кјото.

Нарекувана и Нобелова за архитектура, Прицкеровата награда се доделува од 1979, како „признание на жив архитект чии градби претставуваат комбинација на талент, визија и посветеност, кои дале конзистентен и значаен придонес за човештвото и градењето на околината преку уметноста на архитектурата". На медалот кој се доделува заедно со 100,000 американски долари пишува firmitas, utilitas, venustas (солидност, употребливост и восхит), мото на римскиот архитект Витрувиј. Помислата кои од овие древни архитектонски принципи можат да се применат врз градби во нашиот главен град нè снеможува.

29 март 2014 - 09:57