Доаѓа крајот на учењето странски јазици?

Благодарение на вештачката интелигенција, луѓето сè помалку ќе чувствуваат практична потреба да учат втор, а за трет-четврт јазик и да не зборуваме. Оние кои сепак би се интересирале за оваа работа тоа би го правеле од поезотерични причини. 

Софтвер базиран на вештачка интелигенција им овозможува на корисниците да создаваат дипфејк видеа од себеси како „кажуваат“ што и да е на одреден јазик, базирано само врз една единствена фотографија од нив и на сценарио, елементи што се комбинираат со синтетички глас. На овој начин истиот текст може да биде кажан на повеќе од 40 јазици. 

Визуелните аспекти на овие видеа се далеку од совршени - со други зборови, се уште е јасно дека се фејк. Но јазичната технологија е доволно добра за човек да се запраша дали учењето, на пример на мандарински, е залуден напор. Невралните мрежи, односно системите за машинско учење кои стојат во основата на овие генеративни програми, рапидно го подобруваат квалитетот на автоматското преведување во текот на последниве неколку години, што од друга страна го подобрува квалитетот дури и на постарите алатки, како Гугл транслејт.

Истовремено, бројoт на луѓе кои учат странски јазици во светот се намалува. Во САД, на пример, вкупниот број пријавени за учење јазик кој не е англиски на американските колеџи опаднал за 29,3% во периодот 2009-2021. Во Австралија, колу 8,6 проценти од матурантите учеле странски јазик во 2021, што е историски најнискиот процент. Во Јужна Кореја и Нов Зеланд универзитетите ги затвораат своите катедри по француски, германски и италијански. 

За ваквиот тренд има повеќе објаснувања, меѓу кои пандемијата, растечката политика на изолација на одредени земји, како и намалувањето на финансиите за програмите по странски јазици. Но без оглед дали промената е политичка, културолошка или мешавина од повеќе нешта, јасно е дека голем број луѓе, свесни за напредокот на автоматскиот превод, веќе не планираат да вложуваат време, пари и енергија во нешто што може да се направи со неколку клика. 

Тоа е ситуацијата во моментот. Но за неколку години, преводот со ВИ може да стане толку вообичаен, што милијарди луѓе ќе го земат здраво за готово фактот дека мејловите што ги добиваат, видеата што ги гледаат и албумите што ги слушаат не биле оригинално продуцирани на нивниот мајчин јазик. Технолошките компании го вградуваат преводот во сè поголем број производи. Како што ова се нормализира, така наскоро може да очекуваме дека длабоките врски кои се создаваат преку човечка комуникација (па и со сите грешки во преводот) ќе бидат заменети со технички прецизна но крајно плитка разбирачка. 

Јазички алатки сега има во апликации за социјални мрежи, стриминг сервиси и чет платформи. Спотифај експериментира со користење на алатка за генерирање глас од производителот на ЧетГПТ за да преведе подкасти со гласот на самиот водител. Самсунг се фали дека новиот Галакси С24 ќе може да преведува телефонски повици во реално време. Технологија која до сега работеше добро со англиски или кинески сега ќе биде во можност тоа да го прави и со свахили или урду, како и со други „помали“ јазици. 

Покрај сите позитивни придобивки, светот веќе сфаќа како сето ова може да тргне наопаку. На почетокот на март почнаа да искрснуваат клипови генерирани со ВИ во кои Хитлер држи говор од 1939 на англиски наместо на оригиналниот германски, и тоа со неговиот сопствен глас. На овој начин, велат критичарите, за говорителите на англиски станува полесно да развијат емпатија кон она што тој го зборува. Ова оди контра аргументот дека програмите за машинско преведување се „неутрални“ и дека преведуваат без толкување. Вистината е дека не постои единствени точен начин на транспонирање реченица од, на пример, француски на македонски или на кој и да е јазик - тоа е повеќе уметност отколку наука. Или барем во моментов е се уште така, додека машините не ја преземат работата. 

извор

2 април 2024 - 13:35