Совети за дигиталното доба од средовековни монаси

Не само ние, и средовековните монаси, чија задача било бесконечно долго да препишуваат ракописи, имале проблеми да се концентрираат. Се жалеле дека се прeплавени со информации, често се занесувале гледајќи низ пенџере, или мислејќи кога е следниот оброк. Тие можеби имаат нешто да ни кажат за нашата современа мака да се сосредоточиме на она што го правиме.

Јован Касијан бил христијански теолог, чии списи се сметаат за бисери на аскетската книжевност. И покрај својот челичен дух, тој се жалел дека умот „изгледа како да е раководен од хаотични застранувања“ и дека знае да му залута „како да е пијан“. Ова било во 420 година - да имал видено смартфон, Касијан сигурно лесно ќе ја предвидел нашата когнитивна криза.

Тој пишувал во време кога христијанските заедници почнувале да цветаат во Европа, особено на Медитеранот. Само еден век порано, аскетите главно живееле во изолација, но новиот ентузијазам за заедништво подразбирал и нови правила за тоа како монасите да си ја вршат својата работа.

А таа главно се состоела од фокусирање на божествената комуникација: читање, молитви и пеења, работа врз здравјето на нивната душа и на оние кои ги поддржуваат. Нивните омилени зборови за опис на концентрацијата доаѓале од латинското tenere, зграпчување. Идеалот бил mens intentus, ум кој секогаш и активно стреми кон својата цел.

За да ја постигнат, монасите и монахињите морале да ги прекинат врските со световното, со нештата кои би можеле да ги преокупираат секојдневно - семејствата, имотот, плотта. Наместо тоа се занимавале со физичка или некој вид рачна работа, која не само што не пречела на концентрирањето, туку и го помагала.

Но постоеле и поелаборирани методи, на пример визеулизација на материјалот кој се читал или преведувал. Некакво разгрането дрво или крилест ангел можел да стане модел за подредување на комплексниот материјал. Во случајот на дрвото тоа можело да претставува некаква тема, а гранките и плодовите различни идеи групирани во поголеми концепти.

Проблемот на фокусирањето е значи прилично стар, исто како и фантазиите дека постои некаков магичен начин човековиот ум да остане фиксиран. И пред 1600 години имало доволно интересни работи на кои човек можел да мисли, наместо да мисли на она што треба. Пишувајќи го овој текст, на пример, се соочивме со денешните - повторно поглед низ прозорецот, и повторно мисла на тоа што ќе се руча.

Извор

25 април 2019 - 13:28