„Никогаш не би требало да ги сечеме на половина работите што ги сакаме. Пријатели, нации, кученца. Единствен исклучок со кој би можел да се согласам е пица. Но во последниве 24 часа сфатив дека скоро сите на интернет се согласуваат дека не смее да се сечат на пола книги, дури и ако тие се многу долги“.
Ова е вовед на текстот на Алекс Кристофи во Гардијан под наслов „Јас сум книгоубиецот“, во кој тој ги објаснува мотивите за својот необичен начин на транспорт на волуминозни книги - ги сече на „томови“, големи колку да може да ги стави во џеб кога оди на работа или да му ги собере во чанта.
Светот дозна за ова неодамна, кога тој постираше Твит со фотографија од неколку такви пресечени книги, со прашање - дали е навистина „убиец“, како што го нарекол негов колега, кога на работната маса на Алекс видел една таква, „осакатена“ книга? Иако прашањето требаше да биде реторичко (не, не си), излезе малку поинаку. „Ова е тероризам“, „Нека му купи некој Киндл на кретенов“, гифови со плачење, апели до полиција, Еф-би-ај, Хашкиот суд. Некои сугерираа дека најдобро би било самиот тој да биде пресечен на половина.
Назад кон текстот во Гардијан во кој Алекс мораше да се објаснува - дека навистина сака да чита, дека омилен автор за кого сега пишува и книга му е Достоевски, а дека сечењето на книгите не му е некаква финта за привлекување внимание туку само начин да ги дочита огромните модерни романи кои не се делат на томови како некогаш оние за во регал, туку се една голема „цигла“ од книга.
Иако дел од реакциите се претерани, целата ука-бука според него покажува дека на луѓето и во дигитално доба се уште им значат физичките книги, од кои ретко кој радо се отарасува, туку главно гледа да ги донира или подари на некој кому ќе му значат. Според него поголема трагедија од тоа некој да дели книги на половина е чувањето книги нечепнати, недопрени и...непрочитани.
„Ниту еден автор не сонува неговите книги да бидат во целофан, како да се сувенири од Стар Ворс. Најголем комплимент кој можете да му дадете на некој автор е да ја прочитате неговата книга и да раскажете за неа на други. Не, не сум убиец на книги. Можеби сум малку откачен читател. А ако ви дојде под рака книга напишана од мене, ја имате мојата дозвола да ја пресечете“, вели Кристофи на крајот од својот текст.