Пријателството е законски најнерегулираната меѓучовечка врска. Можеби затоа е и историски најдоминантната, и таква врз која се потпира и денешниот дигитален свет. Социјалните мрежи, исто како и аналогните пријателства, се градат и се развиваат врз основа на споделување приватни информации. Технологијата нè поттикнува да го правиме тоа, а со кого, ако не со најблиските?
Пријателите се поврзани едни со други преку чувства, обичаи и непишани норми. Сепак, тоа не е законски санкционирана врска, како бракот или родителството. Секој може да се спријатели со секого, и тоа е лична одлука на поединците. Но со развојот на дигиталната технологија, она што било наменето за размена помеѓу пријатели може лесно да стане јавна информација, со социјални, па и законски последици. Доволен е погрешен сетинг на приватност, или форвардирање погрешен мејл, за потоа тоа да игра улога при некое идно вработување или јавно мислење.
Дури и „обичен“ лајк или коментар на пост на пријател можат да бидат драгоцени податоци за компании кои преку Фејсбук или Твитер ги користат на познати и непознати начини за сопствени цели (на пример за микро-таргетирање со политички реклами).
Па сепак, среде сиот тој хаос пријателството останува нерегулирано подрачје. Не ти треба дозвола да станеш нечиј пријател, како кога стапуваш во брак. Кога ќе се спријателиш, со тоа не преземаш законски обврски, онака како што тоа го правиш кога ќе добиеш дете. Не влегуваш во каков и да било правен однос, на хартија или таков кој се подразбира, како кога ќе купиш нешто (па имаш право да го вратиш ако не работи). Во американското законодавство зборот „пријателство“ се среќава многу ретко, на пример кога пријател е ангажиран за спроведување на нечија последна волја. Но ваквата ситуација наскоро ќе мора да биде променета, и да постои некаква правна дефиниција на пријателството кое ќе ги штити оние кои се во ваква врска од намерни злоупотреби, или кое ќе предупредува во однос на оние ненамерните. На пример при размена на барања за пријателство на Фејсбук двете страни дигитално да потпишат спогодба дека се свесни за сите последици од неодговорното споделување информации кои не се од јавен карактер.
Ова секако би требало да го подразбира секое пријателство, без оглед дали е среден или 21 век. Но пријателството денес нема само врска со лојалност и доверба, туку и со стратегија и некој вид „затворска дилема“ - нема да откријам, со еден клик, што знам за тебе, ако и ти го сториш тоа.
Леа Планкет (авторка на „Споделителство: зошто треба да мислиме пред да зборуваме за нашите деца онлајн“, 2019)