Дали слушањето аудиокниги може да се брои како читање?

На сајтот Вајрд одговор на горното прашање дава нивниот дежурен „духовен советник“, кој притоа зборува за бардските традиции на модерното доба и зошто книжевните снобови се секираат за погрешни нешта.

„Слушам голем број книги. Тоа ми функционира. Но некои од моите пријатели ми велат дека тоа не се смета како читање. Дел од мене сака да чита повеќе, но многу ми е полесно ако слушам. Што мислите?“

Одговор:

Не би обраќале многу внимание на што го коментираат твоите „начитани“ пријатели - тие звучат како мрчатори. Нивниот моралистички тон личи на коментирање нечие вежбање, при што читателите би требало да ги бројат зборовите кои ги конзумираат дневно, трудејќи се да ја подобрат брзината, и придружувајќи се на читачки клубови за да се одржуваат во форма. 

Иако некои приврзаници на оваа култура веднаш ги отфрлаат аудио-книгите како тоа да е одење по скратен пат, тие сепак не можат да се усогласат околу тоа зошто слушањето би било инфериорна форма на активност. Некои цитираат студии кои покажуваат дека умот на слушателите на книги успева да зачува помалку податоци од оние кои ги читаат, што е веројатно поврзано со тоа колку е големо искушението да се прави нешто друго додека се слуша (а и форматот го отежнува враќањето на местото кадешто сте заталкале со мислите). Други инсистираат дека аудиокнигите ја елиминираат одговорноста на читателот да дофати нешта како иронија, тон, поттекст, со оглед на тоа што тоа веќе го прави, интерпретирајќи го текстот, оној што го снимил. Според оваа необична логика, слушањето на аудиокниги е инфериорно токму затоа што е полесно - затоа што му недостасува елементот на страдање, кој е единствен доказ на постигнување, на ист начин како што запаление на мускули е наводен доказ за вистинско вежбање. 

Но притоа се заборава важноста на изговорениот книжевен збор, и во контекст на нашата лична историја, но и онаа колективната. Повеќето од нас слушале како им чита некој возрасен пред самите да научиме да читаме, па слушањето аудиокниги така станува реминисценција на она чувство некој да ти раскажува приказна - прозните ритми кои оживуваат со посредство на човечкиот глас; дијалогот кој се анимира преку изведба на вешт читач; леснотијата со која нашите очи, ослободени одобврската да читаат, се слободни да шетаат низ собата или да гледаат низ прозорец, замислувајќи си ги опишаните сцени. 

На колективно ниво, усното раскажување му претходи на пишувањето и читањето со илјадници години. Најстарите приказни во нашиот литературен канон постоеле со векови како бардски приказни пред да бидат запишани и тие служеле, меѓу другото, да ги засилуваат социјалните врски со тоа што луѓето се собирале да слушаат митови и легенди кои го формирале и јакнеле групниот идентитет. Тие не размислувале за проблемот на медиумот, туку оставале нарациите да ги понесат со својата моќ. Денес, во време на пост-писменост, опсесивно се фокусираме токму на ова прашање на медиумот, а аудиокнигите се критикувани како да се четвртиот коњаник на апокалипсата, заедно со социјалните мрежи, визуелната забава и намалувањето на опсегот на внимание. Но можеби трансцедентното чувство што го нуди литературата е исто без оглед дали таа се чита или се слуша - се разбира ако одредена книга воопшто го поседува тој потенцијал. За сите останати здодевни и неквалитетни книги секако е сеедно дали се аудио или на хартија. Оттаму, советот е помалку да се дискриминира медиумот, а да се биде повнимателен во изборот што да се чита.  

извор

28 октомври 2022 - 16:46