Дали навистина македонските библиотеки „изгубиле“ 80% од корисниците?: по трагата на една вест

Една статија објавена денес, а врз основа на податоци од Државниот завод за статистика, малку нè замисли. Понекогаш и не е потребно кој знае какво познавање на бројки и проценти, туку интуиција, комбинирана со реално искуство на чести посети на локалната библиотека, кои велат - со оглед на намалувањето на животниот стандард и неодамнешната пандемија, бројот на корисници на библиотеките (во светот па и кај нас) би требало да е пораснат, а не намален. Нешто како да не штима...

Статија под помпезен наслов „Македонските библиотеки изгубиле 80% од корисниците за една деценија“ објавена на сајтот на Радио МОФ, почнува со следнава реченица:

„Во последнава деценија бројот на корисници на македонските библиотеки е намален за повеќе од шест пати, додека бројот на членови се преполовил, покажаа новите податоци кои ги објави Државниот завод за статистика“.

Статијата продолжува со текстуален дел и инфографик, според кој во споредба со 2010, кога имало над 6,4 милиони корисници, минатата година (2022), библиотеките имале само нешто над милион корисници, што е намалување од 84%. Следниот пасус почнува со реченицата: „Истовремено опаѓа и бројот на членови на библиотеките“.

Оваа дистинкција помеѓу корисник и член нè збуни - па нели и членот е некој што користи услуги, а корисникот пак во принцип би требало да е член? Изгледа дека и самиот потписник на текстот бил во недоумица, па се сетил на крајот да стави фуснота, во која се вели: 

Според методолошките објаснувања на Државниот завод за статистика, член на библиотека е секое лице запишано во библиотека со цел да позајмува библиотечен материјал за користење во или надвор од библиотеката, додека корисник е секое лице кое ги користи услугите на библиотеката. Ако едно лице во текот на годината повеќе пати земало на користење библиотечен материјал се појавува како корисник онолку пати колку што позајмувало библиотечен материјал. 

Значи статистиката два пати ги брои луѓето кои имаат некаква работа во библиотеките, еднаш како поединечни членови, друг пат како повеќекратни корисници, па оттаму и неверојатните 5,6 милиони „корисници“ колку што никогаш немало жители во цела Македонија. Доколку овој термин бил преиначен во користЕЊА тоа веќе би било појасно. Но не само тоа - ваквата разлика влијае и врз толкувањето на резултатите. 

Еве како: 

Ако 6,4 милиони корисници (користења) од 2010 ги поделиме со бројот на членови 127.000 од истата година, тоа значи дека секој од нив 51 пат се обратил во библиотеката. Ова секако е просек, затоа што еден човек можеби одел годишно сто пати, а друг десет. 

Во 2013 бројот на просечни користења опаднал на 21. 

Минимумот е во 2016, кога паднал на 6,8. 

Но -

Истиот број потоа е во ПОРАСТ во периодот 2019-2022, и тоа во 2019 со 10 користења во просек годишно, а 11 пати во 2022, најверојатно како резултат на пандемијата, иако дел од неа библиотеките воопшто и не работеа или работеа со протоколи и скратено работно време. 

Значи насловот „Библиотеките изгубиле 80% од корисниците“ всушност би требало да гласи - „Помалку членови, но ПОВЕЌЕ користења на библиотеките“, барем во последните седум години. 

И тоа не е сè. Иако кликавме по линковите од Државниот завод, таму не постојат корелации помеѓу генералниот број на население и бројот на членови на библиотеките, па оттаму ако таква корелација биде направена може да излезе дека обратно, бројот на библиотечни картички по глава на жител се зголемил, или барем стагнирал. Недостасуваат и многу важни дополнителни детали - КОЈ  е член односно корисник на услугите? Пензионери кои немаат пристап до е-книги? Луѓе со пониски примања за кои купувањето книги е луксуз? Основци и средношколци кои позајмуваат исклучиво лектири? Ова би укажало и на еден друг потенцијален проблем - дури и ако бројот на користења на услуги во некои библиотеки е намален, нели тоа може да е резултат на фактот што таа конкретна библиотека нема обновен фонд, не нуди други атрактивни содржини (светските библиотеки знаат да позајмуваат дури и градинарски алат и да организираат различни курсеви и читателски клубови) и сл.?

Донекаде е разбирливо - толку сме наапани од вести кои ни укажуваат на некакви негативни трендови и катастрофични сценарија што со когнитивна предрасуда пристапуваме и на статистики и бројки. Наместо тоа, подобро би било да појдеме до првата библиотека и „пешки“ да ги броиме луѓето кои влегуваат или просто да се замешаме помеѓу нив. Тогаш можеби ќе видиме дека македонските библиотеки можат да бидат и попроактивни и подостапни за оние за кои во моментов не се атрактивни. Но и дека „изгубените“ 80% корисници се далеку од реалност. 

Илина, Букбокс 

6 септември 2023 - 16:50