Дали кога сте љубопитни тоа ве фрустрира или е повеќе поттик за учење нешто ново? Дали тоа е непријатен потсетник за нешто што сè уште не го знаеме, или возбудливо чувство на очекување на нешто што наскоро може да се открие?
Љубопитноста е сето ова, и повеќе. Како и страста, и таа има позитивни и негативни лица: едното насочено (со весело очекување) кон она што го посакуваме, а другото (силно фрустрирано) кон она што сè уште не сме го добиле, а можеби и никогаш нема.
За разлика од страста, објектот на љубопитната желба е информација, за нешто што се уште не го знаеме. Па сепак има варијации во нејзиното искусување, кое е понекогаш попријатно а понекогаш предизвикува стрес и вознемиреност. Во статија објавена во списанието „Когниција и емоција“ од Марет Ноордевир и Ериц ван Дијк, се истражуваат факторите кои влијаат врз балансот на негативното и позитивното кога станува збор за љубопитноста. Факторот според авторите е - време.
Додека ви ја задоволиме љубопитноста за подетални објаснувања, еве неколку досегашни теории за овој феномен. Моделот на информациски јаз сугерира дека љубопитноста се појавува кога некој забележува „дупка“ во своето знаење. Тоа од своја страна поттикнува чувство на недостаток, што пак мотивира јазот да биде пополнет. Оттаму и изразот „задоволување на љубопитноста“, како да е таа глад или жед. Колку што е јазот поголем, толку чувството е понадразнувачко и понепријатно.
Според друга теорија љубопитноста има два облика - депривација, силна но незадоволена потреба да се знае, и интерес - барање информација кое е мотивирано од очекувано задоволство. Овие два типа ја отсликуваат променливата рамнотежа помеѓу „барање“ (на она што ни треба), наспроти „сакање“ (на она во што уживаме).
Спомнатата статија ги зема предвид овие теории но ја додава димензијата време. Истражувачите поставуваат едноставно прашање: дали љубопитноста се доживува попозитивно кога очекуваме дека таа ќе ни биде задоволена побрзо?
За оваа цел истражувачите извеле три студии со над 200 учесници. Во секоја од нив тие најпрвин поттикнале состојба на љубопитност со тоа што на луѓето им кажале дека подоцна ќе гледаат видео кое содржи „нешто со различни нијанси кафено“. Од суштинска важност е дека на половина од луѓето им било кажано дека ќе го гледаат видеото по само една минута, а другата половина дека тоа ќе биде по 30 минути, период во кој тие можат да прават нешто друго. На почетокот на ова одложување сите укажале на тоа колку љубопитно се чувствуваат во врска со содржината на видеото, како и колку негативни, наспроти позитивни чувства имаат во врска со тоа.
Клучниот наод е дека иако обете групи покажале еднакво ниво на љубопитност, таа била придружена со понегативни чувства кај оние учесници кои се соочиле со подолго одложување. Ова ги покажува двете лица на љубопитноста. Кога таа не е задоволена и знаеме дека нема да биде уште некое време, се фокусираме на незнаењето, на самиот информациски јаз, и ова е прилично непријатно. Но кога нашата љубопитност само што не е задоволена, се фокусираме на тоа „само што“ знаење, или на очекуваното олеснување, што е попозитивно искуство. Значи се работи за „не знам“ наспроти „само што не сум дознал“.
Но што е со оние прашања за кои нема никаква гаранција дека некогаш ќе најдеме одговор, а не па за 30 минути? Дали ова значи дека научниците генерално живеат во постојана фрустрираност, заради јазот помеѓу она што сакаат да го дознаат и честото отсуство или одложување на одговори? Или обратно, тие се постојано во пријатната зона на „само што не сум дознал“?
Разликата помеѓу „обичните“ љубопитници и овие долгорочните е веројатно во тоа дали и колку ќе можете да издржите а да не дознаете со што беше тоа видео со различните нијанси кафена.
Извор: NPR