Емануел Шарпентие од Франција и Американката Џефинер Дудна денес станаа шестата и седмата жена кои добиле Нобелова за хемија, придружувајќи им се на претходничките како Марија Кири, која ја доби во 1911, и Френсис Арнолд во 2018.
Во образложението на Кралската академија се вели дека научничките „откриле една од најсилните алатки на генетската технологија: CRISPR или технологијата за генетско модифицирање“. Таа може да се примени за промена на ДНК на животни, растенија и микроорганизми со екстремно висока прецизност. Веќе има резултати во приноси на житарици и други прехранбени растенија, но се очекува да води и кон револуционерни медицински третмани. Ова се должи на тоа што секој геном може да биде „едитиран“, односно да биде „поправено“ потенцијалното генетско оштетување кое тој го носи.
Секако, технологијата не помина без контроверзи, особено откако во 2018 кинескиот научник Хе Џианкуи откри дека помогнал во развивање на првите бебиња со едитирани гени, кои според него се отпорни на вирусот на ХИВ од кои биле инфицирани нивните татковци. Научната заедница тогаш се огради од неговиот експеримент, а тој е во моментов во затвор. Двете наградени научнички се надеваат дека како и други револуционерни технологии, и оваа би се употребувала само за добро, за решавање на нови мистерии во биологијата и медицината.
Но приказната за CRISPR не е контроверзна само поради овие етички аспекти. Неколку години претходно се водеше долга битка околу тоа кој го има „авторското право“ за оваа моќна алатка.
На почетокот на 2012 сегашната Нобеловка Шарпентие, тогаш малку познат француски микробиолог, го контактирала својот стар пријател Роџер Новак, за да му каже за тазе истражувањата кои ги правела со Џенифер Дудна од Универзитетот во Калифорнија, Беркли, а чии резултати беа објавени неколку месеци подоцна, на 28 јуни 2012 во „Сајнс“.
Сфаќајќи дека тука има и голем комерцијален потенцијал, Новак, Шарпентие и Шон Фој, инвеститор од Ванкувер, почнале да размислуваат за основање компанија која би ги вклучила сите авторитети во оваа област во зародиш. Но обидот завршил неславно, со многу врева и прашина. Во следната година и пол натпреварот за отварање на КРИСПР компании се интензивирал. Малата заедница истражувачи била поделена на табори и загрижена околу разни прашања - интелектуалната сопственост, академски престиж, соништа за Нобел, медиумска слава, суети, лична корист, лојалност кон сопствените институции. На крај биле формирани три компании за истражување на технологијата и создавање нови лекови, а биле издадени лиценци за технологијата на партнери кои се надевале дека ќе постигнат инженеринг на сè, од подобрени житарици и стока до индустриски хемикалии.
Пари почнале да се слеваат од сите страни, но голем дел од тоа, десетици милиони долари, отишле кај адвокати кога компаниите и сопствениците на академските лиценци се соочиле во правна битка пред Американското биро за патенти и заштитени трговски марки. Интересно е што првиот бизнис од кој почнале да се прават пари бил со - јогурт. КРИСПР технологијата придонела за подобрување на структурата на бактеријата Стрептокока термофила, односно нејзина поголема отпорност на вируси наречени бактериофаги.
Целата комплицирана приказна која делува како трилер-акција е објавена во Сајнс магазин од февруари 2017, кога е донесена одлуката на споменатото Биро, во корист на Институтот Брод на МИТ и Харвард, а на штета на Универзитетот Калифорнија и други компании и научници кои тврделе дека патентот за технологијата е нивен. Денес Емануел Шарпентие работи во Берлин, на институтот Макс Планк, одделение за наука на патогени, а Џенифер Дудна е се уште на Универзитетот во Калифорнија. Со добивањето на високата награда веројатно се става крај на долгите шпекулации во врска со тоа кој би требало да го добие признанието за развојот на CRISPR.