Затките за уши се „ин“ на светските музички фестивали. Некогаш беа сметани за грди и пречеа на доживувањето, но оние од новата генерација се за повеќекратна употреба и дизајнирани така за да ги потиснат фрекфенциите кои би можеле да доведат до проблеми со слухот, но да ги пропуштат другите звуци.
Производители на вакви тампони за уши веќе соработуваат со престижни фестивали, а нивните производи почнуваат да добиваат третман на „накит“ (и по изглед, и по цена). Стигмата кон оние кои носат ваква заштита се намалува, а причината е што бројките на оние кои чувствуваат симптоми на тинитус се зголемува од година во година. Само во Британија 7.6 милиони луѓе страдаат од оваа состојба, од кои 1.5 милиони со многу тешки симптоми. Во февруари Светската здравствена организација соопшти дека „над 1 милијарда млади луѓе се под ризик на неповратно оглувување, поради небезбедни слушачки практики“.
Основата за она што се смета за безбедно кога е во прашање звукот се здравствените и безбедносни практики на работно место и заштитата на животната средина, а кај нас покриен и во неколку законски акти (на пример со зонско одредување на максимални дозволени децибели тука). Според овие одредници, 110 децибели кај нас се дозволени на јавни собири, фестивали, концерти и дискотеки, но само 15 минути изложеност на вакви вредности може да предизвика оштетување на слухот (а да не зборуваме што на овие места бучавата е веројатно и поголема). За оние во првите редови на гласен рок концерт бучавата може да достигне и 125 децибели.
Според наши искусни тон мајстори, гласноста се меша со квалитетот на озвучувањето, па дури и музичарите често бараат погласно, место подобро. И организаторите на настани сакаат нешто што ќе ечи и буквално ќе ги пара ушите. Биолошки факт е дека човекот го доживува звукот низ целото тело, не само низ ушите, и ова му го зголемува нивото на адреналин. Toa, како и намалените инхибиции и тешкотиите да се комуницира на гласни настани, значи и поголема потрошувачка на алкохол.
За заштита на слухот се препорачува користење на соодветни тампони (по можност прилагодени на индивидуалното уво - ова е достапно и кај нас) или зафаќање позиција на јавен настан каде повеќе се слушаат бас фрекфенциите (кои не се штетни) а не толку и високите тонови. Постојат и апликации, како Soundprint која препорачува тивки места во ваша близина, а истовремено мери децибели и сигнализира кога да ги ставите затките.