Додека во нашата културна средина сме навикнати критиките да ги третираме како посебен книжевен жанр, со сопствена уметничка вредност, во други контексти на ваквите текстови се гледа многу попрагматично. И тоа, колку и да изгледа парадоксално, ним им оди во прилог - дали сакате да читате осврт кој повеќе се занимава со самиот себеси, надмудрувајќи се со авторот на делото коешто го коментира, или сакате некој човечки да ви каже дали и зошто некоја книга чини или не?
Голем број наши писатели критиките за туѓите дела ги имаат објавено како збирки, во тврди корици, како да се тие судови врежани во камен, кои треба да останат за идните генерации. А всушност, ако ги истресете од празните флоскули, во нив често нема да најдете ништо што би ви го одговорило основното прашање заради кое и сте се фатиле да читате критика - за што се работи во книгата?
Њујорк тајмс запрашал двајца автори/критичари да одговорат на прашањето: дали пишувањето осврти е уметност или јавен сервис? Еве ги нивните одговори:
Дефинитивно јавен сервис. Пишувањето книжевни критики е чин на културна хигиена. Во некаква посимболички ориентирана средина отколку нашата, книжевните критичари би требало да носат санитетски одела и големи гумени ракавици. Размислете за она што го прават: од огромната кашеста навалица на печатени материјали, чиешто ниво постојано се крева, тие треба да го одберат она што вреди и да го исфилтрираат останатото. Дали се секогаш во право? Секако не. Се протнува и по некоја бактерија, се промовира и по некој медиокритет. Но некој мора да го процесира сето тоа, да понуди анализа, да изрази став, да заземе страна. Некој треба да ја прочита книгата пред вас.
Ако има уметност во пишувањето критики, тоа е повеќе вештина. Ако некој се обиде да биде уметнички настроен при пишувањето осврт, ако ја напушти таа второстепена зона на критиката заради примарната зона на креацијата, тогаш текстот тоне. Целта на освртот не е тој самиот, туку книгата. Книга којашто ја напишал некој друг. Добрите осврти бараат одредена транспарентност на јазикот, отсуство на позирање и прчење. Често е полесно да се пишува за лошото - за гротесктно доброто, лошото или генеричкото - отколку за нешто во средината. Дајте ми добар роман, или прилично интересен мемоар, и почнувам да се потам.
Што се случува при една коректна, 360-степени ориентирана книжевна критика? Треба да опишете, на кратко и јасно, што е содржината на книгата. Треба да понудите аргументирана, но сепак не претенциозна критика. И што е најсензитивно, треба да го внесете читателот во естетските критериуми според кои таа критика е напишана. Со други зборови, да им дадете до знаење кој го пишува тоа. Тоа се прави преку тонот, референтата рамка, со хинтови и финти и сенешто меѓу редови. Можеби е симптом на модерноста, но се развива и едно очајно чувство кога почнувате да пишувате осврт, дека сте прв во таа работа, дека всушност ја измислувате формата. Плус постои и мала обврска читателот да се забавува, или барем безболно да го доведете до крајот на текстот.
Значи - ти салутирам тебе, пишувачу на критики. Ти апсорбираш цели книги и бавно ги ротираш во твојот ум. Се колебаш врз тастатурата. Беснееш или воздигнуваш. Се обидуваш да смислиш нешто паметно. Потоа ги вадиш гумените ракавици, и заспиваш.
Џејмс Паркер
***
Книжевните осврти се пишуваат за да бидат читани: тие се прават за туѓо уживање и образование - за разлика од уметноста тие треба да информираат, а не да претставуваат изведби, па оттаму најчесто следат предвидлива шема: име на книгата, резиме за нејзината содржина, по што следи компетентно, добро аргументирано мислење за тоа дали авторот постигнал некои од неговите/нејзините цели.
Тоа не значи дека освртите не можат да вклучат и уметност. Во рацете на некој вешт, храбар автор со доволно фантазија, критиката може да биде и експеримент со формата исто колку и да врши некаква функција. Но поголемиот дел од читателската публика нема фајде од ваквите видови осврти, во кои уметноста е прироритет. Книгите чинат пари, понекогаш и многу пари, и тие подразбираат значајна инвестиција на време и концентрација. Оттаму, мислам дека е фер ако се каже дека поголемиот број читатели на книги од генерален интерес, и соодветно на осврти за таквите книги, во нив очекуваат одговор на само две прашања: 1) Дали книгата е добра?, 2) Дали е доволно добра или интересна за да се купи? Пишувањето осврти со други амбиции често кажува многу повеќе за тоа како авторот сака да биде виден, отколку за тоа што им е потребно на неговите читатели.
Оттаму, колку и да звучи несекси, велам - јавен сервис.
За проценка на општествено корисното делување на Букбокс тука