Дали е навредливо Французите да се нарекуваат...Французите?

Текстот најпрвин малку нè збуни, затоа што на англиски the French ни звучи потполно исто како и било кое друго членувано име на народ (Французите, Британците, Американците). После сфативме дека не било до нас, туку до тоа дека политиките на „безопасниот јазик“ стануваат сè поапсурдни. Плус дека македонскиот има многу поголем потенцијал за „дехуманизирање“ од англискиот. 

Најголемата новинска агенција во САД, Aсошијетед Прес, неодамна беше исмеана на Твитер, откако постираше препорака новинарите да одбегнуваат користење на одредениот член the во изрази како the disabled (хендикепираните), the poor (сиромашните) и - the French (Французите). Причина: одредениот член бил дехуманизирачки, бидејќи подразбирал, имено - одреденост, односно некаква монолитност и изедначеност. 

Француската амбасада реагираше со тоа што за кратко го промени своето име во „Амбасада на французинштвото“, пародично нудејќи алтернатива на „д Френч“. 

Оригиналниот твит на АП имаше 20 милиони прегледи и 18.000 ретвити пред да биде избришан. Некои од коментарите сугерираа да се користи похуманото „луѓе кои искусуваат“ или „луѓе кои страдаат од французинштво“. Што се однесува до останатите изрази, АП препорача, наместо „сиромашните“ да се користи „оние кои живеат без средства“, а наместо „ментално болни“ - „оние кои се соочуваат со ментални предизвици“.

За разлика од англискиот, во македонскиот е можна многу поширока лепеза на „дехуманизирачки“ изрази во споредба со англискиот, од типот ФранцузиНЕ или ФранцузиВЕ. Браво за нас.

1 февруари 2023 - 18:17