Доктор Томас Бојс (Thomas Boyce), професор по педијатрија и психијатрија на Универзитетот Калифорнија во Сан Франциско, во текот на неговата долга кариера има работено со деца кои делувале толку самоуверени што изгледало дека околината нема речиси никакво влијание врз нив, но и такви кои биле екстремно чувствителни. Низ годините почнал за нив да размислува како за два вида растенија. Во оригиналот тие се глуварче и орхидеја, но нам тоа ни изгледаше како несоодветна метафора (тоа нежната пуфка отпорна?), па го заменуваме со нешто што локално и интуитивно ни е поблиско - пиреј.
Генерално, според Бојс, поголемиот број деца се како оваа трева, прилично резистентни и способни да излезат на крај со стресот и конфликтите во нивните животи. Но малцинство од нив, кои тој ги нарекува „орхидеи“, се почувствителни и биолошки пореактивни на условите околу нив, што им го отежнува соочувањето со стресот. Исто како и цвеќето „детето-орхидеја покажува голема чувствителност, и е подложно и на добрите и на лошите услови во кои се наоѓа“.
Наједноставниот начин да му се понуди поддршка на вакво дете е утехата на рутината. Според Бојс, јадењето на исто место и во исто време, со истите луѓе, и одржувањето на други дневни ритуали е нешто што им помага на децата кои имаат низок праг на реакција на околината.
Во интервју за НПР по повод излегувањето на неговата книга, тој ги објаснува деталите на студијата која укажала на индивидуалните разлики помеѓу децата кога станува збор за нивната биолошка реакција на вообичаени видови предизвици и стресори, на пример одговарање на прашања во врска со семејството, помнење на серија цифри која постојано се зголемува, па до ставање капка сок од лимон на јазик. Притоа стресот е мерен преку двата примарни системи за реакција на него во човечкиот мозок. Едниот е оној кој го испушта стрес-хормонот кортизол и се наоѓа во хипоталамусот на мозокот, а вториот е автономниот нервен систем, оној кој без наша волја и контрола во ситуација на опасност ни ги поти дланките, ни ги шири зениците и нè подготвува или за борба или за бегство.
Резултатите покажале постоење и на драстични разлики - некои деца драматично реагирале, додека кај други не била регистрирана речиси никаква реакција. Но ова нема само врска со емотивната „отпорност“ туку и со физичката - истите шеми на реакција важат и кога станува збор за болести. На истиот начин на кој детето создава отпорност кон емоционален стрес, тоа гради и имунитет против вируси и бактерии.
Она што го советува Бојс е дека со децата-орхидеи треба да се биде потактичен и повнимателен, а не да се туркаат по секоја цена да прават нови или тешки работи. Најголемиот родителски предизвик останува како тие да не бидат прекумерно заштитени, а истовремено и да не се трауматизираат соочени со ситуации за кои немаат капацитет да ги поднесат.