„Почетокот на Преобразба е кошмар“, вели Мика Џонсон, предавач на Прашката филмска школа и Кафка фанатик. Во славниот расказ на овој автор, Грегор Самса се буди едно утро претворен во инсект. Неговото семејство тропа на вратата од спалната, но тој не може да реагира. Според Џонсон и неговиот тим, ужаснатоста на Самса била идеална за симулација со виртуелна реалност, за трансформација во инсекти со ВР кацига на главата на заинтересираните љубители на пишаниот збор, сега претворен во сетилно искуство.
Името на „играта“ која ја имаат направено, VRwandlung, е асоцијација на германскиот наслов на расказот Die Verwandlung, а во моментов е достапна за користење во Гете институтот во Прага. Посетителите се пренесени во спалната соба на Грегор Самса - ако си го погледнат телото пред очите имаат сивкаст торакс и шест стапчести екстремитети, како и размавтани антени кои им висат од главата. Слушаат повици на домашните, тропање на дождот и брзо срцебиење.
По ВР-гејмингот и ВР-порнографијата, VRwandling го разоткрива технолошкиот потенцијал, како и ограничувањата на тоа да се обидеш да преточиш книга во еден ваков проект. Второто главно се однесува на трошокот на квалитетните ВР системи, како и на проблемот на познатиот крај на книгата кој е контрадикторен на основната премиса на ВР, а тоа е дека корисникот може да го одреди крајот.
Сепак, според Рајнер Стак, автор на најдеталната биографија на Кафка од три тома и 1500 страници (за која подетално пишувавме тука) „играта“ ја пресликува и привлечноста и ризиците на модерноста во кафкијански стил. Сепак, тој тврди дека самиот Кафка сигурно би бил воодушевен од ваквата нова технологија со оглед на тоа што ја има измислено телефонската секретарка (за што пишувавме тука), а фантазирал и за комбинирање на стереоскопски наочари со подвижни слики за да добие 3Д филмови. Но истовремено, тој сигурно би ги увидел и можните стапици. На пример што ако ВР стане толку привлечна што луѓето би почнале повеќе да ја сакаат од „обичната“ реалност? Па дури и ако во неа си збунет човек-инсект.