Кафка, односно бирократскиот и нечовечен систем којшто тој го опишуваше во неговите дела, не е мртов. Една од најновите „кафкијански" случки за кои чувме кај нас е следнава: човек умира, а матичарот на местото на „татково име" по грешка (или намерно?) во изводот од умрени го запишува името на помладиот брат на починатиот. Со години роднините до надлежните доставуваат копии од разни оригинални документи, од турско, српско, бугарско македонско, црковни и световни, па и фотографии од надгробната плоча каде убаво си пишува татково име. Но надлежниве, затворени во нивниот кафкијански замок, се упорни - не, братот му е татко!
Можеби за да ги потисне мислите за ваквите апсурди кои го прогонувале во книжевноста, Кафка во животот бил пооткачен отколку што се мислеше. „Дали е ова Кафка?" (објавена на германски во 2012, а ќе излезе на англиски на 21 март) содржи 99 тривија или наоди на Стак, кои го прикажуваат писателот во малку полежерно светло, а не како до сега, како мрачен невротик.
Тој не можел да се натера да лаже, но сепак се обидел да препишува на матурските испити. Правел прекрасни подароци, особено за деца. Необични нешта го расплакувале или го разгневувале. Во еден момент потпаднал под влијание на модата за фитнес, и опсесивно следел режим на некојси дански гуру за вежбање. Сакал пиво и да чита биографии на познати личности. И - мразел глувци.
„Колку ужасно тивко гласни суштества се тие", му пишал тој на пријател. „Моите чувства кон глувците е чист страв. Тоа има врска со неочекуваниот, неодминлив, навидум тивок, но упорен и таен мотив на овие животни"
Во едно од сочуваните писма од читател, извесен Зигфрид Волф вели дека не бил задоволен откако ја купил „Преобразба" за неговата братучетка:
„Таа не може да ја сфати приказната. Ѝ ја даде на мајка ѝ, но ни таа не можеше да најде објаснување. Пoтоа мајката ја даде книгата на другата моја братучетка. Сега тие ми пишаа, за јас да им ја објаснам приказната. Затоа што сум докторот во семејството. Но, изгубен сум."
Книгата го содржи и текстот на Кафка од 1909, напишан по посетата на еден од најраните меѓународни авијатичарски собири во светот - воздухопловното шоу во северна Италија. Репортажата за овој настан тој го објавил во прашкиот весник „Дојче Цајтун Бохемија", а статијата се смета за еден од првите текстови посветени на воздухопловството напишани на германски (на сликата горе Кафка е најлево, единствениот насмеан, сликан во макета на авион во виенскиот Пратер).
Повеќе приказни и извадоци од книгата на Стак тука