Како Кафка ја изуми телефонската секретарка

Едно од нај „кафкијанските“ доживувања е кога некој итно ви треба а на неговиот телефон ви се приклучува телефонска секретарка, или кога заглавувате во лавиринт на говорни автомати со првото „за тоа и тоа притиснете 1“. Идејата за ваквата технологија можеби потекнува токму од Кафка?

Во новата биографија на 1500 страници „Дали е ова Кафка?“ која содржи 99 тривија или наоди на Рајнер Стак (а за која подетално пишувавме тука), покрај приказните за неговата опседнатост со фитнес и омразата кон глувците, има и таква според која Кафка уште во 1913 ја замислил телефонската секретарка.

Славниот писател бил крајно скептичен кон тогаш најновата технологија, особено кога таа имала врска со меѓучовечка комуникација. Бил фасциниран од луѓето на кои „природно“ им лежело да се снаоѓаат со ваквите апарати, а помеѓу нив била и неговата вереница Фелис Бауер, која работела во берлинските канцеларии на компанијата Карл Линдстром. Една од нејзините задачи било маркетингот на тн. „парлограф“, ран тип на диктафон, кој според рекламата требало да го замени рачното фаќање белешки и стенограмите.

На Кафка не му требало многу фантазија за да замисли комбинација на телефон и парлограф, која ја опишал во писмо до Бауер од истата година:

Ваквата комбинација сигурно е лесна. Еден ден ќе ме известиш дека ваквиот проект е веќе успешен. Секако ова би имало огромно влијание врз фирмите, новинските агенции итн. Потешка, но секако возможна, би била и комбинацијата на грамофон и телефон. За луѓето како мене, кои се плашат од телефони, ова би било олеснување. Ама луѓето како мене се плашат и од грамофони, па нам никој не може да ни помогне. А замисли парлограф да се приклучи на телефон во Берлин и да може да му се јави на грамофон во Прага, и двата да си направат муабет.

На модерниот апарат од ваков вид му било потребно уште некое време за да биде измислен, постигнувајќи го првиот комерцијален успех со Електронската секретарка вo 1949, четврт век по смртта на Кафка. Всушност во 1900 инженерот Ернест О. Кумберг веќе имал изумено нешто што го нарекол „телефонограф“. Ама па денес никој не ја користи придавката „куберговски“, а Кафка е уште жив.

 

16 ноември 2016 - 08:25