„Чарлс Фостер е писател, патувач, ветеринар, правник и филозоф“. Ова го пишува на неговиот сајт, на кој самиот за себе вели и дека неговото пишување е е претенциозен и неуспешен обид да се одговори на прашањата „кои или што сме ние“ и „што бараме тука, по ѓаволите“?
Ако една од стереотипните дефиниции за човекот е дека тој се разликува од останатите животни, тогаш единствен начин да се ѕирне во светот на „другите“ е да се истражи нивната физиологија, нивниот емоционален живот (да, го имаат), накратко - да се душка, да се копа по земја, да се јадат црви, да се виси од гранка, „да не се биде слеп за кадифестите нозе на гасеницата и за тивкото мрморење на јагликата“.
Фостер го постигнува ова живеејќи како дабар, лисица, елен, јазовец и птица. „Живеејќи“ значи обидувајќи се да се доживее светот низ специфичните сетилни механизми на овие животни. Тоа подразбира подолг престој во природа, патувања на кои тој го понел и неговиот осумгодишен син Том, кој не само што ги правел истите работи како и татко му, туку често бил и поуспешен.
„Живеев како јазовец во дупка во велшката шума, како дабар во реките на Ексмур, како урбана лисица копајќи по ѓубрето во лондонскиот Ист енд, како црвен елен во Шкотска и како птица (вид ластовица) патувајќи помеѓу Оксфорд и Западна Африка“, пишува тој.
Токму сетилата се и една од неговите централни теми. Фактот што и покрај тоа што човекот поседува пет сетила сепак најмногу го користи видот многу го ограничува во искусувањето на околината. За разлика од тоа, кога Фостер почнал да ја доживува околината како некое од животните, тој го гледал дрвото само дел од секундата, а потоа визуелната информација за него веднаш би се преведувала во апстрактен код, кој содржи куп информации кои немаат директна врска со самото дрво, туку со она што се случува под, над и околу него. На тој начин се користат 80% од информациите до кои инаку или не можеме да дојдеме, или едноставно ги прескокнуваме како небитни.
„Се обидов да им дозволам на мојот нос, уши, јазик и дланки да играат улога во реконструкцијата на светот, онаква каква што ја врши мојот мозок. Се обидов да се втопам себеси во сетилност а да не бидам патетично затапен од нив. Не поминав кој знае како. Но беше обид кој вредеше. Спуштете се на четири нозе, помирисајте ја почвата, лизнете лист, нека вашите прсти играат по почвата“, порачува Фостер.
Извадок од неговите искуства може да прочитате на Слејт, каде под текстот има и интересна корекција:)