Томас Твајтс (Thomas Thwaites) стана познат по неговата прва книга „Проект тостер", која детално го следеше неговиот обид да направи тостер од нула. Но по слегнувањето на прашината околу нејзината промоција, го фатило криза - што понатаму?
„Човечкиот живот знае да биде многу тежок. А кога ќе погледнете, на пример, во една коза, едноставно знаете дека таа е слободна. Нема гајлиња." - изјавил тој по повод мотивацијата за новата книга - „Човек-прч: како се одморив од тоа да бидам човек".
Не, не е ништо метафорично, нема тука хипноза, медитација или визуелизација. Експериментот е во најдобрата традиција на антрополошки (ха!) истражувања со набљудување преку учество и авторефлексивност. Во интервју за НПР Твајтс ја објаснува логистиката и научените лекции од овој негов потфат.
Како успевал да оди на четири нозе
Направив неколку прототипови на „одечка рамка", но сфатив дека ваквиот вид квадрипедичен мобилен егзоскелетон е многу неудобен. На крај завршив во просторијата за дисекција на Кралскиот ветеринарен колеџ, за да ги истражам разликите и сличностите помеѓу човечката анатомија и онаа на една коза.
За јадењето како коза
Очигледно козите јадат трева, но проблемот е што јас не можам да ја сварам. Одлучив од себе да направам вештачки преживар, кој во својот стомак ги содржи сите тие бактерии кои на животните им овозможуваат да ги разложат сите тие јаки влакна од тревата. Се инфицирав со бактерии од желудникот на коза - тоа се покажа како лоша идеја. Потоа направив торба која си ја закачив на телото, и кога ќе загризав бусен трева ја плукав во неа. Таа требаше да биде мојот вештачки желудник, кој содржи бактерии. Но на крај бидејќи не сакав да ризикувам да имам пролив до крај на животот, одлучив да ја подготвувам тревата во експрес лонец - чудно вкусна, всушност грозна чорба од трева.
Да се мисли како прч
Посетив етолог - еден вид бихејвиорален психолог за кози. „Мислиме дека козите не разбираат јазик, што е очигледно, и мислиме дека немаат епизодични мемории, дека не можат да се проектираат во иднината и да смислуваат сценарија за неа", ми рече тој. Тоа ми беше целта, да исклучам делови од мозокот.
Читав за техника наречена „транскранијална магнетна стимулација". Ти ставаат огромен, многу моќен електромагнет и ти го приближуваат до черепот. Магнетното поле кое се создава ти влегува во мозокот и ти го прекинува функционирањето на синапсите. Си помислив „тоа е добар начин да ми се прекине способноста да зборувам". Ја рецитирав детската песничка „Трите кози" кога докторот го вклучи магнетот, и одеднаш не можев да изговорам ни збор.
Како брадата му помогнала да се спријатели со женските кози
Една од работите во врска со младите прчови е нивната брада, бидејќи тие се обидуваат да ја усмрдат колку што е можно повеќе - тоа е некако привлечно за женките. Мислам дека со една коза се зближивме, во платонска смисла. Сè станува приказна кога си човек, па можеби тоа е само мое толкување на целата работа. Но мислам дека да, воспоставивме врска со оваа коза.