Се викал Џон Сноу, и нема врска со „Игра на тронови“ (иако - никогаш не се знае), туку бил англиски лекар - пионер во областа на анестезиологијата и медицинската хигиена. Се смета и за еден од основачите на модерната епидемиологија, главно поради неговите напори да го следи изворот на епидемијата на колера во лондонската населба Сохо во 1854. Неговото решение било, меѓу другото, во отстранување на рачката од пумпите за вода, која луѓето ја допирале и на тој начин ја ширеле заразата. Но иако од денешен аспект изгледа преедноставно, за да ти текне во тоа време требало многу истражување и визионерство, бидејќи теоријата за ширење патогени не била уште развиена - докторите и властите сметале дека заразата се шири преку „мијазма“ или преку загаден воздух. Тој успеал да сфати што се случува главно преку разговори со локалните жители (значи еден вид етнографија), како и со хемиска и микроскопска анализа на примерок вода од пумпа на Брод стрит во Сохо, каде до тој момент биле регистрирани 61 случај.
Она што го направил Сноу е практично истото што здравствените власти го прават и сега, со Ковид - детектирање кластери и обид да се открие изворот на кластерот. Но додека денес гледаме само бројки и дијаграми, тој направил нешто подетално - просторно ги лоцирал куќите/семејствата на заболените и ги претставил на мапа. Така всушност и дошол до сознание дека станува збор за домови кои гравитираат околу водената пумпа, која била изворот на заразата. Подоцна било утврдено дека овој јавен бунар бил ископан на само 0.9 метри од стара септичка јама, која почнала да пропушта фекални бактерии. Во неа биле фрлани и пелени со измет на бебе кое добило колера од друго место. На тој начин водената пумпа станала извор на зараза. Дополнителен ризик била рачката на пумпата, која ја фаќале сите (секако без да имаат гелче за дезинфекција претходно). Градот ја проширил улицата и ја исушил јамата, а рачката била отстранета. На тој начин ширењето на колерата било запрено.
Освен што бил пионер во она што денес го нарекуваме data visualization, Сноу бил и интересна личност - на 17 години станал вегетаријанец, а потоа веган и строг анти-алкохоличар. Целиот живот пиел само вриена вода. Но и покрај строгиот здравствен режим, на само 45 години доживеал мозочен удар од кој и починал. Неговиот живот е претворен во роман во 2016, под наслов „Докторот од Брод стрит“ на Катерин Тансли.
Види претходно
Убава наука: историја на визуелно прикажување податоци