Книги како видео игри (и обратно)

Читатели или гејмери?

Како што наближува крајот на годината, така почнуваат да се појавуваат списоци на „нај" книги за 2013. Но најзначајната можеби никој нема да ја спомене. Зошто? Затоа што таа не е книга туку - видео игра.

Device 6 е дефиниранa како „метафизички трилер", во кој светот се состои само од зборови. Играњето е слично на читање книга, само што тука зборовите се појавуваат од неочекувани насоки. На пример кога Ана, лик во книгата, врти во некоја кривина во приказната, истото го прави и текстот, терајќи го играчот да го ротира таблетот или телефонот, и самиот да „сврти".

Приказната почнува со тоа што Ана се буди во непозната просторија. Таа е сама на нешто што изгледа како пуст остров, без сеќавања за тоа како стигнала тука. Целата игра е всушност обид за откривање на мистеријата и бегство од островот - како што ги следите зборовите и нивните движења на екранот, така тие исцртуваат мапа. Долгите реченици градат ходници, пасусите формираат соби. Како што напредувате во наративно време, така освојувате и географски простор.

Звукот, традиционалниот непријател на читателите на книги, е суштински за Device 6. Крцкањето на врати и делови од дијалозите го водат играчот низ просторот и нудат клучни решенија на загатките. Дизајнот е сличен на оној од филмовите на Хичкок или на класичните корици на Пингуин. Сајмон Флесер од Симого, мало шведско студио кое ја развило играта, објаснува дека нејзиното темпо е многу споро и не ги нуди моменталните задоволства од постигнатото како повеќето видео игри. „Ова е нешто кое го играте долго, и ви треба време да го сварите. Токму како кога читате книга", вели тој.

Иако сето ова повеќе личи на некаков некомерцијален експеримент, всушност добро се продава како апликација, и тоа за релативно скапи 3,99 долари. Објавена е на 17. октомври, а веќе се појави на списокот „одбрани од уредникот" во App Store, како и на второто место на општиот список апликации за САД. Во време кога повеќето апликации се достапни бесплатно со плаќање само на дополнителните елементи, нејзиниот успех докажува дека постои пазар за квалитетни игри базирани на текст.

И Device 6 не е единствената. Европскиот ТВ канал за култура, Арте, ја лансираше својата прва видео игра Тype:Rider, која се однесува на историјата и тајните на фонтовите - од предисториските пештерски слики до најпопуларните фонтови и карактери на денешнината, како Garamond, Helvetica, Times New Roman, Pixel, Comic Sans. Stride and Prejudice пак е анимирана игра базирана на текстот на „Гордост и предрасуда", и спаѓа во образовни апликации.

Како што тргнале работите наскоро книгите можат да почнат да личат на игри, а читателите на гејмери. Замислете роман кој би можел да ви го преземе телефонот и би почнал да ви праќа СМС пораки кои ја надополнуваат содржината? Кога писателите и издавачите ќе почнат сериозно да се занимаваат со технологијата на таблети, можностите се огромни. Device 6 ја најавува токму таа интерактивна иднина на читањето.

Извор: The Atlantic 

2 декември 2013 - 17:56