Читанка

Букбокс читанка: „Потекло“ од Саша Станишиќ

Од насилниот распад на поранешна Југославија излегоа такви книжевни дела кои траумата ја преточија во уметност, каква што инаку немаше да се случи. Музата не е на кето туку се храни калорично, со крв, пот и солзи, на оние кои останале да раскажат. Оваа книга е една од нив, наградена со највисоката книжевна награда во Германија.

Букбокс читанка: „Прстен“ од Андре Алексис

Со канадскиот автор со потекло од Тринидад и Тобаго, Андре Алексис, на македонски прв пат се запознавме преку неговата „Петнаесет кучиња“. Овој нов превод е дел од истиот циклус од пет романи, а во него се обработуваат темите на љубовта, светото наспроти световното и саможртвата.

Букбокс читанка: „Сите деца на Луи“ од Камил Балук

Во 1980-тите и 1990-тите холандскиот доктор Јан Карбат раководел со најголемата клиника за плодност во Холандија. Кога неговото име се прочуло во светските медиуми тоа сепак не било поради некаков нов успешен метод на зачнување, туку поради куп скандали. Токму за оваа вистинска приказна зборува дебитантска книга на млад полски автор базирана на неговите долгогодишни истражувања на случајот.

Букбокс читанка: „Сè помалку човек“ од Осаму Дазаи

Делумно автобиографски, овој роман, иако краток, е толку набиен со емоции, сурова искреност и песимизам, што - иронично - може да служи како мотивациска литература. За споредба на некои наши замислено тешки состојби со оние на човек со реални психички проблеми, жртва на секојдневни неправди но и обременет со сопствена вина, кој завршува во лудница. Најава за она што ќе му се случи на авторот во реалниот живот.

Букбокс читанка: „Јазикот е чудна ѕверка“ од Марина Костова

Марина ја знам со години. Ситна но пркосна, со редок „ноу-булшит“ став, не како поза туку како кредо. Отсечна во говорот и артикулирана до степен кој прави да ти е незгодно, ако на пример за филм искоментираш само дека е „добар“. Сочувствително строга, нетипично македонски одговорна. Секогаш мислев дека за да бидеш Марина мора да си од некое друго место. Сега сфаќам дека, иако често сме се гледале, секогаш со нас имало други луѓе. Читајќи ја оваа книга конечно бевме сами, на тоа друго, нејзино место.

Букбокс читанка: „Болеста како метафора“ и „Сидата и нејзините метафори“ од Сузан Сонтаг

Два од најзначајните есеи на американскaта писателка, режисерка и политичка активистка, прв пат целосно преведени на македонски. Одличен тајминг, со оглед на нашите досегашни искуства со пандемијата, кои наодите на оваа книга ги потврдуваат со невидена актуелност, и со пораки за кои изгледа ќе ни треба уште време за целосно да ги разбереме. 

Букбокс читанка: „Пред да се излади кафето“ од Тошиказу Кавагучи

На 28 мај во „Паблик рум“ ќе се одржи Фестивал на јапонска култура „Нихон-џи“. Како најава на пребогатата програма пишуваме за книга на јапонски автор, базирана на театарска драма, роман кој е симпатично истражување на нашата потреба да интервенираме во поредокот на нештата, дури и во крајно детерминистички универзум.

„Мултиверзум за почетници“ од Златко Василкоски

Не знам каде прв пат го сретнав името на Златко Василкоски, но тоа сигурно бил некој летечки линк, на кој знае кој портал или, како што обично се вели кога се сака да се наведе генерички, а авторитативен извор на информации - „го видов некаде на интернет“. Ама тоа беше доволно за да ја прочитам неговата книга.

„Сестрите Макиока“ од Џуничиро Танизаки

Приказна за четири дами од некогаш богато семејство од Осака, која излегувала во продолженија од 1943-1948, но зборува за настани кои се одвиваат во предвечерјето на Втората светска војна. Овој глобално тензичен момент виси како фантом врз судбините на семејството, кое упорно се држи до старите начини и до сопствениот углед, во свет кој забрзано се менува.

„Аномалија“ од Ерве Ле Телие

Добитник на престижната Гонкурова награда за 2020, тазе преведен на англиски, романот е мешавина на напнат трилер и мисловен експеримент, кој е пишуван како полу-готов сценаристички производ. Главни улоги во тој „филм“ имаат еден авион (или два се?), куп политичари и агенти, и луѓе кои поради мистериозна „аномалија“ во време-просторот мораат да си ги преиспитаат своите идентитети. 

„Проблемот Спиноза“ од Ирвин Јалом

Преплетена приказна за два живота, хронолошки разделени со три векови, но врзани со невидливите конци на судбината, кои предизвикуваат еден еврејски филозоф од 17 век да стане опсесија на нацистички идеолог од 20-тиот.

Букбокс читанка: „Како да го запреш времето“ од Мет Хејг

Роман за човек кој страда од „анагерија“ - старее побавно од обичните луѓе. Тоа, колку и да звучи како благослов, е всушност клетва - бадијала другарувањата со Шекспир или патувањата со капетан Кук, кога не може да остане со онаа која ја сака.

„Ловособирачки водич за 21 век“ од Хедер Хеинг и Брет Ванјстин

Да не беа наднасловите на рубрикава стандардизирани, овој лесно можеше да гласи - „Купивме (и тоа уште во претплата) и прочитавме, за вие да не морате“. И покрај сета солидарност со „изопштените“, ова не е баш начин да ни се оддолжат.

„Нашиот пат: 25 женски приказни од историјата“ од Ивана Хаџиевска, Ивана Драгшиќ и Јана Коцевска

Први индустриски работнички, универзитетски професорки, курирки во народно-ослободителни движења, активистки, ди-џејки, синдикални работнички - жени кои често се изоставени од официјалната историја, или кои во неа се претставени еднодимензионално, без контекстот во кој живееле и твореле. Оваа збирка биографии - резултат на детално истражување - претставува долго одложувано чествување, отворен прозорец за наплив на свеж воздух во сфаќањето на историјата и на активното учество на жените во неа.

„Замалек“ од Дејан Тиаго Станковиќ

Утре (сабота, 11.9) во 19 часот на Саемот на книгата ќе се одржи промоција и средба со овогодишниот добитник на Европската награда за книжевност, Дејан Тиаго Станковиќ. Ова е трет превод на негово дело на македонски, мистериозно и топло, како и земјата за којашто зборува. 

„Еуфорија“ од Лили Кинг

Прекрасен роман за еден од најпознатите љубовни триаголници во областа на науката - оној помеѓу антрополозите Маргарет Мид, Рео Форчен и Грегори Бејтсон.

„Вознемирени луѓе“ од Фредрик Бакман

Наближува Нова година. Во мал град во Шведска, еден разведен родител се соочува со својот најголем страв - да му биде одземено старателството над децата, бидејќи нема да плати кирија. Тука се раѓа една многу лоша идеја, која ќе спои неколкумина вознемирени луѓе.

„Театарски белешки“ од Владо Цветановски

Редок театролошки документ за начинот на работа на еден од најзначајните македонски режисери и театарски педагози. Увид во неговите најинтимни размислувања за предизвиците на 13 претстави на кои работел, со богат архивски материјал, кој на идните генерации режисери ќе им сигнализира колку сложена и одговорна е оваа професија, која всушност не се работи, туку се живее.

„Новинарот и убиецот“ од Џенет Малком

Минатата недела, на 86 години, почина Џенет Малком (родено име Јана Виенерова, по потекло од Чешка), американската новинарка која критички го истражуваше односот помеѓу авторот и неговиот „субјект“ и можните злоупотреби од обете страни.

„Такаматсу во Кина“ од Игор Довезенски и Таки Гаковски

Македонски стрип кој се однесува на една важна епизода од животот на „последниот активен нинџа“. Книгата е од историографско значење за оние кои се занимаваат или се интересираат за боречките вештини од школата Буџинкан, но и пошироко, за љубителите на добрата и информативна приказна, одлично визуелизирана.

„Зелена гуска“ од Љубиша Никодиновски - Биш

Нова монографија преку која оние што биле дел од опишаните настани ќе можат да се потсетат на своето херојско минато, оние од средната генерација ќе жалат по една интелектуална атмосфера која е тешко замислива денес, а пак младите ќе знаат дека имало нешто и пред нив, од кое можат да учат.

„Огнената азбука“ од Бен Маркус

Дистописки роман од 2012, кој има врска со пандемија и вирус. Овој пат извор на заразата се децата, а жртви нивните родители.

„Сестрите Палавееви: на пат кон новиот свет“ од Алек Попов

Втор дел од сагата за супер-хероините Кара и Јара Палавееви. Ако првата книга беше сатирична, оваа е веќе отворено дрска, а инвестицијата во сериозноста на зафрканцијата ѝ дава легитимитет да биде таква. Кој знае што да очекуваме aко има трета...