„Априсити“ (архаично): чувството на допир на сонце на кожа во зима
Вака почнува романот „Кажи ѝ на машината лека ноќ“ од Кети Вилијамс, прв пат објавен во 2018. Следната реченица е: „Машината рече дека човекот треба да јаде мандарини“.
Априсити како термин прв пат се појавил во англискиот во 17 век, кога извесен Хенри Кокрам го забележал (а можеби и целосно го измислил) за својот „Англиски речник или преведувач на тешки зборови во англискиот“. И покрај тоа што е убав збор за опис на познат и сетилно пријатен феномен, неговата употреба никогаш не станала масовна и тој тешко може да се најде во модерните речници.
Но во годината 2035-та некој се сеќава на него кога треба да именува машина која е нешто помеѓу џубокс и пророк. Со земање брис од уста (ако ви асоцира на Ковид, книгата е напишана претходно), и негово ставање во машината, таа исфрла три реченици, кои доколку испитаникот ги следи би довеле до негова поголема среќа.
Секако, нејзината употреба доаѓа со куп ограничувања. Прво, тестирањето е многу скапо и не секој може да си го дозволи. Второ, последователните тестирања обично даваат истоветни три совети, но понекогаш поради промена на околностите, кои не мора да бидат толку видливи и драстични, тие можат и да се ревидираат. Оттаму, ако некој се фати на машинското оро, практично мора редовно да си ја контролира среќата. Второ, вработените во лиценцираните компании често не ја кажуваат сета вистина. Машината цензурира куп совети кои според оние кои го правеле алгоритамот се насилни („за да бидеш среќен убиј го комшијата“) или се во најмала рака метафорични и двосмислени па клиентот може да биде незадоволен или да го протолкува на ризичен начин.
Перл е долгогодишна вработена во една таква компанија, „техничар за среќа“, која е добра во она што го прави. Но паралелно со нејзиниот секојдневен ангажман на посредник помеѓу машината-пророк и клиентите, таа приватно се соочува со прашања за животот и личната среќа кои не можат да бидат разрешени во три реда. Нејзиниот син-тинејџер, Рет, е чувствително дете, кое можеби како отпор кон колективната опседнатост со среќата одлучува да оди по сосема поинаков пат - наместо да ги следи советите на „позитивната психологија“, да се изгладнува и изолира од остатокот од светот.
Иако може да звучи како сатира, романот е многу повеќе од тоа - испитување на она што нè прави луѓе, во време на прекршување на границата помеѓу човечкото и технологијата. Истовремено, таа го почитува главниот услов на добрата научна фантастика, а тоа е таа да создава чувство дека ситуациите и проблемите коишто ги опишува, иако лоцирани во иднината, се доволно препознатливи за читателот да се идентификува со нив во сегашноста.
Дали човек може да стане посреќен само ако зема часови по кларинет? Или ако посвои куче? Еден од клиентите ѝ раскажува на Перл дека негов пријател добил совет од машината да се скара со брат му, иако до тогаш тие биле во одлични односи. Пријателот послушал и нештата навистина тргнале во позитивен правец (не знаеме како на тоа реагирал братот). Можеби она што ни е потребно е само поттик за промена, каква и да е, која би ни дала чувство на контрола и моќ, дека нештата не мора да се засекогаш фиксирани, дека и ние може да се реобмислиме себеси.
Па, можеме ли?
Илина, Букбокс