Букбокс читанка: „Болеста како метафора“ и „Сидата и нејзините метафори“ од Сузан Сонтаг

Два од најзначајните есеи на американскaта писателка, режисерка и политичка активистка, прв пат целосно преведени на македонски. Одличен тајминг, со оглед на нашите досегашни искуства со пандемијата, кои наодите на оваа книга ги потврдуваат со невидена актуелност, и со пораки за кои изгледа ќе ни треба уште време за целосно да ги разбереме. 

Непосредно пред овогодинешниот Саем на книгата, во издание на Антолог, од печат излезе книга која ги содржи двата најпознати есеи на Сузан Сонтаг - „Болеста како метафора“ и „Сидата како метафора“. Преводот на македонски е на Златко Кујунџиски и Кристина Дукоска. Во продолжение го пренесуваме поговорот кон изданието. 

***
Кон „Болеста како метафора“ од Сузан Сонтаг

„Ја не сум си, синко, стара баба,
Тук сум си, синко, црна чума!
Тога велит Митре добар јунак:
-    Жити бога, бабо, жити душа,
Погљаи го, бабо, пусти дефтер,
Аљ сум и ја на дефтер писано!
Го поглеа баба пусти дефтер,
Го погледа и начас му рече:

И ти си, синко, овде написан“

(„Митре и чума“, од „Зборникот на народни песни“ на браќата Миладиновци)

Болеста, рамо до рамо со смртта, е едно од основните и универзални човечки доживувања. Нејзиниот извор, природа и третман, историски биле предмет на практични напори од сферата на магиското и научното, но и на филозофски промислувања за нејзиното влијание врз благосостојбата на здравиот поединец, а во случаи на епидемии и врз начинот на којшто таа го разорува колективното ткиво. 

Во македонската народна култура чест синоним за епидемија е „чума“. Овој термин има повеќекратно значење кое не е секогаш лесно да се детектира во дадениот контекст - понекогаш се работи за тешка заразна болест која владеела во минатото, друг пат таа е заедничко име за повеќе видови смртоносни болести. Истовремено, под „чума“ се подразбира и каков било вид несреќа која може да го погоди поединецот по магиски пат, доколку тој биде проколнат, преку формула која го содржи овој термин. Такви се клетвите: „Чумата да го стигни на место да го оставе“, „Чумата да го сотре“ итн. Оттаму, „чума“ не е (само) друг збор за „црната смрт“, односно конкретна болест - бубонската чума која оставила страшни последици на три континенти во текот на 14 век. Таа е метафора за некоја апстрактна, но уништувачка сила, зло кое го снаоѓа колективот и од кое тој треба со заеднички сили да се одбрани.

Голем дел од реакциите на глобалната пандемија на Ковид-19, која во моментот на пишување на овој текст е се уште актуелна, ја следеа сосема истата когнитивна перцепција на болеста. Нејзиниот извор се бараше во кинеските лилјаци, протечените вируси од експериментални лаборатории, во телекомуникациските 5G мрежи. Тефтерот на страшната старица со расплетена коса беше заменет со секојдневните инфографици и официјални статистики за бројот на починати и заболени. Но природата на самата болест остана исто толку апстрактна, предмет на конфронтации дури и во рамки на медицинската фела. Сакајќи да влијаат врз свеста за дискриминацијата на раните заболени, политичарите и медиумите користеа препознатлива метафора за социјално изолираниот „лепрозен“, а апликациите за Ковид-19 кои ги алармираа контактите на заболените ги опишуваа како „дигитални ѕвона за чумосани“, по аналогија на специјалното „клепало“ кое го носеле болните во средниот век предупредувајќи на своето присуство. 

Но откако еднаш ќе биде пуштена во оптек, метафората, како своевиден вирус, почнува да се шири и да мутира, па оригиналниот контекст често пати е занемарен и заменет со друг. Со воведувањето на вакцината се случи дополнително сегрегирање на „небоцканите“ (и оттаму потенцијално „лепрозните“, „небањатите“, примитивните) и „боцканите“ (законски, но и морално „исправните“, цивилизираните). Метафоричниот полнеж на болеста експлодираше, а остатоците од неа уште долго ќе ги собираме од различните области во коишто тие се расеаа - од здравството, преку економијата и политиката, до јазикот. 

Ваквата „експлозија“ секако не е прва во историјата, иако можеби ја чувствуваме како таква поради нејзиниот нагласен интензитет, поттикнат од современите канали на комуникација. Во 1978, годината кога излегол есејот „Болеста како метафора“ на Сузан Сонтаг, немало глобална пандемија. Сепак, она што таа го регистрирала како потенцијална опасна употреба на метафорите за опис на болестите и на заболените не само што важи и денес, туку добива на уште поголемо значење. Нејзината анализа се однесува на јавните перцепции на ракот (парадигматична болест на 20 век пред појавата на ХИВ-сида) и на туберкулозата (болеста на 19 век). Сонтаг покажува дека обете болести во популарното мислење се поврзувани со лични психолошки карактеристики, па оттаму произлегува и „логичната“ претпоставка дека поединецот, поради природата на својот карактер, е истовремено и ВИНОВЕН за својата состојба. Туберкулозата историски се толкувала како болест на „креативците“, што доведувало до тоа и здрави луѓе да сакаат да изгледаат „туберкулозно“ за да бидат во склад со овој стереотип на уметник-маченик. Ракот пак се поврзувал со луѓе на кои им недостасувале страст и сензуалност, односно ги потиснувале ваквите пориви. Слични ставови понекогаш се прелевале во медицинските кругови, па дури и произлегувале од нив, кои соочени со недоволно познатата болест пронаоѓале корелации онаму каде што тие не постоеле, на пример поврзувајќи ги ракот и депресијата којашто наводно е нејзин извор. 

Самиот термин „рак“ е метафора, бидејќи оваа подмолна болест нема ништо заедничко со реалното суштество со антени, клешти и оклоп. Сепак, сликата којашто ја замислил Хипократ (или некој од неговите ученици), како на заболување кое се шири бавно но сигурно, како што се шират и напредуваат нозете на ракот, се пренесувало со векови. Додуша тоа не е единственoто живо суштество кое се користело за споредба со оваа болест. Со ракот се идентификувал и вид зелена гасеница (cankerworm) кој предизвикува габична инфекција кај растенијата. Како што опасните ларви требало да биде уништени пред да го изедат цветот, така „црвот“ на ракот требало да биде пресечен пред да го изеде човечкото месо. И ова со црвот било сфаќано буквално - хирургот Пјер Дионис од 17 век сметал дека ракот не е ништо повеќе од „итар збир на црвчиња“ кои го заразуваат домаќинот. Вообичаен средовековен лек за местото предвидувал редење свежи парчиња кокошка или говедско на чирот (туморот) со што тие би се намамиле на површина. 

Низ ваквата историска, антрополошка и лингвистичка призма Сонтаг го трасира поврзувањето на голем број негативни општествени појави со ваквите болести, процесот на митологизирање, морализирање и стигматизирање. Криминалот, проституцијата, корупцијата и денес се често опишувани како „рак-рана“ или „местастаза“ во здравото ткиво на системот. Состојбата стана уште полоша по појавувањето на AIDS - сидата oд почетокот на 1980-тите, која во својот почеток беше толкувана како „божја казна“ за неморални однесувања. Ова не е само извор на ирационални верувања и етикетирања, туку може да спречи или да одложи третман на вистинската болест, чии ефекти не се воопшто метафорични туку многу реални. Taa (пак метафорично) станува борба на пациентот, не само со невидливиот непријател - болеста, туку и со многу видливиот колектив којшто го опкружува.

Преводот и објавувањето на овој значаен есеј на Сонтаг на македонски се случува во време кога наративот на актуелната војната и оној на се уште актуелната болест се преплетуваат на застрашувачки начин. За обете може да важи ставот кој таа го брани уште во првиот пасус на книгата - дека болеста (исто како и војната) не е метафора, а најсоодветниот пристап е нивно целосно прочистување од симболичко промислување. Во идеален случај, болеста треба на најпрактичен начин да се спречи. Исто како и која и да е војна.  

Илина Јакимовска

12 мај 2022 - 15:33