Во светската книжевност има книги чии наслови дословно ја рефлектираат нивната содржина, но веројатно не во таа мерка како што тоа го прави „Сè помалку човек“. Раскажана во прво лице, приказната за главниот лик, Јозо е делумно автобиографска и го рефлектира животот на Осаму Дазаи (1909-1948), денес сметан за еден од најзначајните модерни јапонски автори, кого го споредуваат со неговиот современик Рјуносуке Акутагава (врз основа на чиј расказ „Во честарот“ Куросава го сними „Рашомон“), но и со Достоевски. Таа е точно она што го најавува - хроника на распад на една личност, која постепено но сигурно ги губи човечките карактеристики на етичност и емпатија, кон другите но и кон себе.
Исто како и ликот во романот, Дазаи потекнувал од богато семејство, и му било овозможено одлично образование, низ кое се запознал и со класиците на европската литература. Но неговиот интерес за формалното образование било прекинато кога неговиот идол, спомнатиот Акутагава, извршил самоубиство во 1927. Од тој момент Дазаи ги запоставува студиите, ги троши парите на алкохол и жени и повеќе колку да оди контра, кокетира со забранет марксистички кружок.
Тогаш се случува и првиот обид за самоубиство. Откако избегал од дома со некоја гејша бил исфрлен и од семејството, и од Кралскиот токиски универзитет. Девет дена по овој настан се фрлил од карпа во море со друга жена, 19-годишна келнерка која притоа починала. Дазаи преживеал затоа што бил спасен од рибарско бротче. Шокирано, семејството интервенирало полицијата да не го гони како соучесник во смртта на девојката, условувајќи го со тоа да се „прибере“.
Тоа и се случило, барем на кратко. Следува период на негов пробив во книжевниот свет, најпрвин со кратки раскази. Продолжува да пишува и за време на Втората светска војна, кога неговата куќа во Токио е два пати уништена во бомбардирање, а семејството (тој, сопругата и трите деца) едвај се спасуваат. Во 1946 објавува контроверзно дело „Алманах на болката“ во кое ги опишува непосредните последици од губењето на војната и чувствата на јапонскиот народ во однос на поразот. Низ сите овие години постојано има здравствени и семејни проблеми, но и автодеструктивни пориви. Во јуни 1948 тој и неговата тогашна љубовница се дават во надојден канал близу нивната куќа. Телата се откриени шест дена подоцна, на она што требало да биде негов 39-ти роденден.
„Никогаш лично не го запознав лудакот што е автор на овие записи“ - вели Дазаи во епилогот на „Сè помалку човек“, како ликот којшто го има создадено по своја мерка да е некој којшто само површно го познава. Дисоциран од себе во реалниот живот, тој преку Јозо можеби се обидува да ги сведе сметките, фиктивно завршувајќи во психијатриска болница. И покрај тоа што во текот на целата книга како да сака да нè убеди дека е персонификација на ѓаволот, последната реченица искажана од жена што го познавала гласи: „Татко му е виновен. Јозо што го знаевме не беше тежок човек...Беше добро момче, беше ангел“.
Илина, Букбокс
***
Издавач на македонското издание: „Три“
Превод од англиски: Горица Попова