Јас сум стар - стар како што се стари дрвјата, или океанската школка или делото на некој ренесансен сликар.
Вака ни се претставува Том Хазард, нараторот на „Како да го запреш времето“, уште во првиот пасус на првата страница. За ова има и добар аргумент, колку и да звучи лажен: дека е роден на трети март 1581, и дека за секои 13 или 14 човечки години тој старее по една. Неговата состојба е ретка, и се нарекува анагерија - луѓето кои ја имаат стареат, но многу бавно. Тие се нарекуваат „алби“, скратено од „албатроси“, но физички по ништо не се разликуваат од „мајски мушички“, односно од обични луѓе.
Иако звучи како благослов, да старееш поинаку од другите луѓе е всушност клетва. Оттаму и правилото, тие да не се заљубуваат и да не формираат семејства. „Тие“, затоа што луѓе како Том има повеќе на планетата, но не смеат да останат на едно место повеќе од осум години за да не привлечат внимание и да бидат прогласени за (во минатото) вештерки или (во сегашноста) за генетски модифицирани не-луѓе. „Албите“ имаат и свое тајно здружение, иако неговиот 900 години стар раководител повеќе делува како мафијашки бос, раководен од сопствените бизнис и други интереси.
И покрај тоа што приказната ја следиме низ неколку векови, оската која ги поврзува сите тие парчиња време и простор е љубовта на Том и Роуз, продавачка на овошје од 17 век, која е жртва на чума а со која Том имал ќерка која ја има наследено неговата состојба. Ако ова ви звучи како добар заплет за комерцијален филм, на вистинската трага сте, затоа што правата се веќе откупени, а главниот лик ќе го игра Бенедикт Камбербач кој се јавува и како продуцент.
Ликовите кои Том ги среќава низ своите временски патешествија се така и бирани, на сигурно - Шекспир, Фицџералд, Капетан Кук, Џозефин Бејкер. Едно поглавје е посветено и на Омај, вистинскиот полинезиски принц кој станал ѕвезда во Англија за когошто пишувавме тука. На моменти книгата делува како да е напишана за млади, такви кои не сакаат многу-многу да учат историја, па ова е начин да им се хуманизираат такви ликови и содржини. Веројатно не е ни случајно што Том во сегашноста е токму тоа - професор по историја кој се обидува да им ја приближи историската меморија на тинејџери без да им открие дека тоа го прави од прва рака! Многу елементи се некако пресиметрично и пресовршено наместени - и срцекршачката љубовна приказна, и мистеријата, и благата меланхолија, и поучноста. Па сепак, таа покажува по кој знае кој пат дека уметничката литература навистина може да ја оживее историската имагинација, и истовремено да начне филозофски теми за природата на времето и смислата на човечкиот живот. Онаа која треба да поживееш повеќе од четири векови за евентуално да ја пронајдеш.
Илина, Букбокс