На портрет насликан од британскиот уметник Џошуа Рејнолдс околу 1776, гледаме убав млад човек од Јужниот Пацифик, облечен во луксузна, широка наметка, со бел турбан на главата. Рацете му се тетовирани со ситни орнаменти, а целото држење му е некако достоинствено, аристократско.
Станува збор за Маи или Ма’и, првиот Полинезиец кој ја посетил Англија. Тука пристигнал од Тахити во 1774, како дел од второто патување на славниот навигатор Џејмс Кук. Останал во Британија две години, и станал сензација - ѕвезда на медиумите, милениче на интелектуалците, тема на песни, книги, музички претстави, и модел за најдобрите сликари од тоа време.
Вистината за неговото потекло сепак била малку поинаква. Маи всушност бил „манахун“ - припадник на нискиот слој, во својата средина никој и ништо, кој едвај чекал да се качи на бродот на Кук и да започне голема авантура. Неговото родно место всушност било Раиатеа, вулкански остров кој се смета за лулка на полинезиската морепловна култура. Во детството неговото семејство поседувало парче земја и не било сиромашно. Но еден ден во 1763 кога Маи имал околу 10 години, освојувачи од Бора Бора го нападнале островот, пристигнувајќи со своите долги кануа. По тригодишна војна тие успеале во својата намера. Воините го убиле таткото на Маи и му ја одзеле земјата, а истото се случило и со другите домородни жители и нивните имоти.
Бора-боранците заробиле голем дел од нив, меѓу нив и Маи. Некако успеал да избега на Тахити, каде живеел бедно, заколнувајќи се дека еден ден ќе се врати на Раиатеа и ќе ја поврати семејната чест. Во 1767 кога англискиот навигатор Семјуел Волис станал првиот Европеец кој допловил до Тахити, тинејџерот Маи бил сведок на неговото пристигнување. Волис го прогласил тропскиот рај за остров на кралот Џорџ Трети, односно за британска сопственост. Сепак, ова не поминало без судири, во кои бил ранет и Маи.
Кога Кук пристигнал на Тахити при своето второ патување низ Пацификот, Маи имал 20 години. Тогаш му се претставил на капетанот на бродот и го преколнувал да го земе со себе во Англија. Тобијас Фурно, како што се викал капетанот, се согласил, ангажирајќи го за надомест за разни задачи на бродот. Тука научил и малку англиски и се спријател со морнарите, кои го нарекувале Омаи или Омаја („О“ на тахиќански значи „ова е“, па веројатно Омаи било комбинација на О и Маи кои морнарите ги споиле во едно).
Кога стигнал во Лондон, Фурно го дал Маи кај Џозеф Бенкс, познат ботаничар кој го придружувал Кук на првото патување. Тој на некој начин го посвоил, се гордеел што кај себе има таков егзотичен „примерок“ па дури и го претставил на аудиенција кај кралот Џорџ Трети и кралицата Шарлота. Целата средба, иако била вежбана многу пати, на крај излегла пародична, бидејќи Маи тотално се збунил, па со својата тетовирана рака го зграпчил кралот и му рекол - „Како, крал Тош“? Тош, имено, било најблиското што можел да го изговори до Џорџ.
Кралот сепак ова не го сфатил лошо, му подарил меч, на што Маи одговорил дека повеќе би сакал барут, „за да го уништи народот на Бора Бора“, нешто за што Англичаните не биле заинтересирани.
По кралската аудиенција сите сакале да се сретнат со него, па Бенкс го носел на седенки по салони и имоти на благородници. Научил да јава на коњ, присуствувал на концерти и на чајанки, и бил харизматичен, особено интересен за дамите. Господата пак во него го гледале идеалот за „благородниот дивјак“. Бил многу чувствителен, се вознемирил кога прв пат видел како рибар става црв на јадица. Музиката го трогнувала па често знаел да се расплаче, а бил великодушен и со просјаците, онолку колку што можел, бидејќи не располагал со многу пари.
Сепак, во мрачните англиски зими му било многу тешко. Критичарите му замерале на Бенкс дека врши антрополошки експеримент и дека наместо да го шета својот миленик наоколу би било подобро да го образува.
Судбината на Маи при крајот на неговиот живот не е баш јасна. Се знае дека поради носталгија заминал од Англија во 1776, повторно со Кук, на бродот Резолушн. По враќањето на остров близу Тахити имал проблем да се ре-асимилира, и постојано се судирал со локалците поради своето нагласено чувство на супериорност. Па и како не би се чувствувал така, по начинот на кој се однесувале со него Европејците. Изворите велат дека умрел по само неколку години откако се вратил дома, од некаков вирус. Нему му е посветена нова книга на Хемптон Сајдс, „Егзотичното: интригите и културните руини во добата на империјализмот“, која излезе на 15 септември.