Романот на Камил Балук, „Сите деца на Луи“, почнува како што би требало да почне квалитетен игран филм базиран на вистински случај - со панорамско запознавање со главните ликови, во случајов со децата кои се резултат на вештачко оплодување со донирана сперма. Нивните приказни се различни, но она што наскоро ќе ги спои е истата ДНК, на човек со суринамско потекло, потемна боја на кожата, и Аспергер синдром. Како резултат на своето трауматично детство и загубените илузии за можноста за семејна среќа, тој е само еден од донаторите во познатата холандска клиника на доктор Јан Карбат, доброчинител или монструм, кој е заслужен или виновен за стотици зачнувања на самохрани холандски мајки или парови. Етичкото нишало злокобно се одбива де на едната де на другата страна, затоа што во позадината на навидум успешната приказна се случува тотален хаос - семе од различни донатори се меша и такво се користи за забременување на клиентките, на жените им се кажуваат погрешни податоци за биолошките татковци, не се почитуваат ограничувањата на бројот на деца кои може да ги зачне еден донатор, и што е најскандалозно, излегува дека самиот доктор Карбат тајно забременувал свои клиентки со сопствена сперма.
Балук поминал три години истражувајќи ги медицинските, финансиските и социјалните последици на овој „проект“. Тој зборувал со поранешните клиенти на докторот, со децата кои биле зачнати на клиниката, па дури и со самиот доктор - всушност тој е последниот кој го интервјуирал пред смртта на Карбат во 2017, a пред да се појават ДНК докази дека тој е татко на најмалку 19 деца зачнати во неговата клиника (бројка која подоцна порасна на 90). Клиниката е затворена многу порано, уште во 2009, поради непридржување до куп регулативи, но до скандалот со Карбат за неа не се знаеше многу.
Прв пат за случајот прочитал во белгиско списание, за мајка на која од страна на докторот ѝ било кажано дека нејзиниот донатор е бел, но која родила две деца со потемна боја на кожата. Тој почнал да открива повеќе вакви случаи, зад кои стои донатор когошто авторот го нарекува „Луи“. Тој донирал сперма секоја недела цели 17 години и самиот смета дека е татко на најмалку 200 деца. Во книгата Балук, кој меѓу другото има завршено холандска филологија, ги споредува известувањата на холандските медиуми од минатото со она што во меѓувреме се дознало на оваа тема. Тој сепак не се задржува само на нивото на факти и конкретни случаи туку се обидува да го наслика и поширокиот општествен контекст и како се менувале ставовите кон имањето деца. Во 1970-тите и 1980-тите преовладувачкиот став бил дека жената има фундаментално право да остане бремена, па оттаму тоа имало предност пред правото на донаторот да ги запознае своите деца, или тие да го запознаат него. Но поради психолошките последици на последново, од 2004 во Холандија веќе не може да се донира сперма анонимно. Иако Карбат не се придржувал ни до ова правило.
Фактот што авторот по професија е новинар во случајов придонесува за чистотата на прозата и отсуство на мелодрама - нешто во што лесно може да се „лизне“ книга на ваква тема. Тој ја одржува потребната дистанца и кога станува збор за опис на ликовите на докторот и главниот донатор, но и на самите деца кон кои е тешко да се нема сочувство. Но ако кај него нема некаква екстремна емпатија, истовремено нема ни осуда. Нештата се такви какви што се, а приказната треба да се раскаже во манирот на аналитичкото новинарство кое граничи со книжевност, за да служи како предупредување, дека дури и во една развиена земја како Холандија вакви нешта до скоро можеле да се случат.
Македонското издание (а веројатно и оригиналот) е опремено со богат список извори од кои авторот се служел при пишувањето. Истовремено, тоа промовира убава традиција на истакнување на името на преведувачката на насловната страница, веднаш под името на авторот.
Илина, Букбокс
издавач: Славика Либрис
превод од полски: Лидија Танушевска