Погорниот дисклејмер за случајноста на наодот е истовремено и по малку „фројдовски“, со оглед на тоа што кога наш човек пишува за друг наш човек (па макар тој бил и во дијаспората), и особено ако напишаното е пофално, чувствува потсвесна потреба да се огради, дека тој некој не му е кумашин, другар од маало или скришен деловен партнер, туку дека за неговото дело изградил став исто како и за кој и да е друг автор, по пат на читање и размислување.
Во случајов тоа дело има наслов кој звучи како потенцијална стапица. Имено, кога физичар вели дека нешто од неговата област е „за почетници“ (а знам за што зборувам, затоа што го имам дома), тогаш „почетникот“ би требало да има дипломирано исклучиво нешто од природни науки, во средно да бил „н’рд“ кој ги знае наизуст репликите од Биг бенг тиори, а во основно наместо да игра ластик и џамлии да решавал равенки, додуша од полесните. Никому под ова ниво не би смеело да му се објаснува ништо што вклучува термини како „мултиверзум“, „струни“ или „полнежи“, затоа што тоа објаснување тогаш би требало да се упрости до таа мерка што би се вулгаризирало.
Втората причина за скепса беше чисто визуелна. Веројатно има некое латинско име за тој феномен (нешто-фобија), но имам зазор од сјајно пластифицирани корици со еднолична позадина и центриран наслов со големи бели букви. Истото важи и за научно-популарни книги со мал број или ич графици и дијаграми, без оглед што е прашање, и доколку ги има, дали би ги разбрала. Утешно е да знаеш дека нешто може да се нацрта или сведе на оска со некакви брановидни линии, затоа што тогаш тоа сигурно може и да се разбере.
И покрај овие елементи, „Мултиверзум за почетници“ е разбирлива и забавна. Напишана е во традицијата на ваквиот жанр, на книги кои успеваат во речиси 300 страници да направат широк лак, од создавањето на светот, до иднината на науката. Во светски рамки ништо необично, но на македонски прв пат постигнато од висок член на академска заедница, без читателот да има чувство дека авторот се перчи со своето знаење, а ни дека нешто премногу се мачи да се „спушти“ од своето високо добро утро на нивото на просечниот читател.
А не дека би немал од каде да се „спушти“ - по дипломирањето на Институтот по физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје, тој ги продолжил студиите во САД, каде магистрирал и докторирал физика на Универзитетот „Тафтс“. На својата докторска теза работел, меѓу другите, со Мартин Карплус, добитник на Нобеловата за хемија во 2013 и еден од најпознатите хемичари на денешнината. По докторирањето поминал осум години на подстдокторски истражувања на МИТ и во други престижни институции, работејќи на компјутерска физика и неврологија. Во моментов ја води групата за вештачка интелигенција во компанијата EBSCO Industries. Ја развил наставната програма за предметот анализа на податоци со вештачка интелигенција на Бостонскиот универзитет, на кој се уште предава. Игра шах, скија и весла на реката Чарлс во Бостон. Повеќе пати во книгата ја спомнува својата сопруга, исто така Македонка и исто така научничка.
Она што ги разликува ваквите книги од „сувите“ прегледи на историјата на науката, е што таа е доведена во врска со поширокиот контекст на историјата на културата, па оттаму не е необично што се спомнуваат и Гилгамеш, првата египетската верзија на Пепелашка или историјата на кафаните во Европа. Се преплетуваат анегдоти и од студиите на Василкоски, како и приказни на неговите ментори и колеги, кои зборуваат не само за научниот, туку и за социјалниот аспект на работата во академска средина.
Една од нив се однесува на традиција на Универзитетот Тафтс, оние кои ќе одбранат докторска дисертација од областа на космологијата да бидат иницирани во новиот статус со тоа што на новопечениот доктор му се пушта едно јаболко, тоа да му падне на главата додека е клекнат пред таканаречениот „Камен на антигравитацијата“ кој стои во дворот на институцијата. Причината за присуството на откачениот споменик е необичниот основач на колеџот, кој сметал дека научните принципи можат да се применат во бизнисот. Со помош на нив наводно го предвидел падот на берзата во 1929 и големата депресија и успеал да создаде големо богатство, кое потоа го вложувал во научни истражувања и формирање институции кои ќе се занимаваат со нив. По семејна несреќа бил опседнат со гравитацијата и како таа да се „победи“, со пронаоѓање некаква антигравитациска материја, која би се користела, меѓу другото во авионската индустрија. Од таму и спомнатиот камен, кој бил неговиот услов одреден колеџ да добие грант.
Вакви епизоди во книгата има повеќе и сите тие заслужуваат и подетални поглавја. Сепак, за оние кои сакаат да прочитаат повеќе, по секое од нив е наведена дополнителна литература (книги, не „видов на интернет“). Пред секое од нив, пак, има дел со наслов „накратко“, во кој се сумирани главните поенти. Стилот и јазикот понекогаш се под влијание на англискиот, но тоа и не е необично за некој кој со децении не е во татковината. Тој во онлајн статиите кои ги најдовме за него постојано го истакнува своето велешко и македонско потекло, и тоа дека постојано е во позиција да им објаснува на љубопитните од каде доаѓа. Од македонскиот мултиверзум.
Книгата би требало да им се препорачува особено на гимназијалци. И тоа не само на оние кои цитираат дијалози од Биг Бенг тиори и што решаваат равенки, од полесните. И да се преточи во документарна серија.
Илина, Букбокс