Една од слабите страни на идеолошките реформи, во раните фази на поставување нацрт за тоа кои се нејзините столбови, надворешни непријатели и посакувани долгорочни цели, може да биде чувството на реформаторите дека се први и до тогаш единствени во своите напори за спроведување промени во конкретна област. Така, тие можат да ја пренебрегнат можноста, која всушност е нивниот најсилен адут, да се надоврзат на претходни затскриени или репресирани обиди од сличен вид, и од нив да ја црпат својата сила. Истовремено, со тоа да воспостават културен континуум помеѓу својата и претходните генерации, премостувајќи го јазот помеѓу нив, што можеби ќе им одземе од ексклузивноста, но ќе ги збогати со нешто многу поскапоцено - сознанието дека се дел од една поголема и помоќна целина.
Ангажираниот феминизам во независна Македонија на своите почетоци како да страдаше токму од оваа детска болест. Постојано инсистирајќи на „вртењето нов лист“ во рушењето на доминантниот патријархат и дотогашната (наводна) безгласност на потчинетите девојки и жени, тоа пропушташе да прочепка по истото тоа мрачно минато и да го осветли со токму такви, светли примери не само на „истакнати поединки“ - исклучоци на своето време и околности - туку и на „обични“ и често анонимни жени, кои суптилно и затскриено, или погласно и порадикално, се обидувале а често и успевале да направат промени во своите локални средини.
Збирката „Нашиот пат: 25 женски приказни од историјата“ на три авторки покажува дека македонскиот ангажиран феминизам во меѓувреме созреал, веројатно следејќи го и нивниот сопствен професионален и личен развој. Вистински инклузивен, тој зема предвид жени од различни социјални слоеви, етничка припадност, времиња и професии, нудејќи за секоја од нив кратка биографија со историскиот контекст, и географска мапа (со интерактивна онлајн верзија тука) со физичкиот контекст на нивното живеење. Во некои од нив фигурираат и детали од приватниот живот, што го засилува чувството дека станува збор не за исто онолку еднодимензионални ликови како и оние (машките) на кои сме навикнати од историските учебници, туку за жени со тела и души, а често и трагични судбини.
Подредени по азбучен ред на нивното име, тоа се занаетчијки, курирки, новинарки, партизанки, уметници, работнички, хуманистки, професорки. Текстовите течат паралелно, на македонски и англиски, а се придружени со фотографии - портрети на жените или на значајни места. Фактот што подредувањето не е хронолошко туку азбучно е можеби сосема практична уредничка одлука, но тоа создава чувство на поврзаност на сè со сè, на DJ Strawberry со крушевските курирки, на килимарските работнички со трансродова активистка, на партизанки со архитектки. Истовремено, поврзаноста е и регионална, бидејќи книгата е дел од комплет составен од три изданија, заедно со словенечката „По својот пат“ и хрватската „По стапките на жестоките жени“.
Посакуваме ова да е само прв том во уште 25, и уште 25 следни биографии или автобиографии, дел од поширока архива која би вклучувала и аудио и видео материјали. Во нив сигурно ќе недостасува приказна за некоја храбра а анонимна жена, можеби бабите или прабабите на истите оние прикажани во оваа книга, кои пак биле нивна инспирација. Нивниот пат кој води уште поназад во историјата, така навистина станува наш.
Илина, Букбокс
Вклучени биографии и теми во книгата:
Аница Савиќ-Ребац, Атина Бојаџи, Билјана Гарванлиева, Вера Ацева-Доста, Веселинка Малинска, Делфа Иваниќ, Елпида Караманди-Бисера, Есма Реџепова, Естреја Овадија-Мара, Женското занаетчиско училиште Струга, Захарија Василева Шумљанска, Ибе Паликуќа, Именувањето на мостот „Роса Плавева и Накие Бајрам“, Јулија Бојкова Божиновска, Крушевските курирки од МРО, Лила Милиќ, Мара Нацева, Мимоза Несторова-Томиќ, Олга Папеш, Оливера Јоциќ, Паркот Жена борец, Скопските килимарски работнички, Уредничките на списанието „Македонка“, Фана Кочовска-Петра и Фанула Папазоглу.
Промоција, 1 октомври (петок) во 13 часот во „Буква“, каде ќе може да се подигне и ограничен број бесплатни примероци