„Квинкункс“ е геометриска шема која се состои од пет точки распоредени во форма на крст, при што четири од нив формираат квадрат или правоаголник а петтата е во центарот. Најчесто се среќава како ознака на бројот 5 на коцките и картите за играње и на домино.
Истиот облик е искористен за симболично поврзување на пет книги на Андре Алексис, експериментална серија која започна со „Пасторала“ од 2014, а заврши во 2021 со „Прстен“. Втората книга од циклусот, „15 кучиња“ беше преведена на македонски во 2020 (за осврт види претходно тука), а неодамна од печат излезе и последната, онаа која всушност ја претставува средишната точка на поврзување на претходните четири романи, иако секоја од овие книги слободно може да се чита и поединечно.
Амбициозната идеја на Алексис била секое од делата да биде напишано во различен „клуч“ односно жанр, и сигурно не е случајно што во центарот притоа е ставен љубовен роман, кој ја поврзува меѓучовечката приврзаност со натприродното. Таквиот замислен мост помеѓу двата света го овозможува мистериозен прстен кој се наследува по женска линија, од мајка на ќерка. Откако еднаш ќе се појави, некаде по првата третина од книгата, токму тој станува централен „лик“, поврзувајќи ги во еден тесен круг останатите.
Романот започнува без вовед, точно во моментот кога Гвенифер Лојд се запознава со Тенкрид, Оливие и Симон на хуманитарна забава за собирање средства за симфонијата во Торонто. Тројцата - двајцата момци и повозрасната госпоѓа - во таа елитна средина пливаат како риби во вода. На Гвен, поканета случајно, ѝ е непријатно додека околу неа на сребрени послужавници се нудат сирења со масло од тартуфи и тартар туна на крекери, а таа по грешка е облечена неформално додека другите се во костуми и вечерни фустани. Ќерка на Велшанец и жена со африканско потекло, таа е селска девојка растена далеку од Торонто, која работи како болничарка во геријатриска клиника.
Но ваквите социјални разлики не се пречка таа да биде поканета на понатамошни дружби и екстравагантни вечери, на кои веќе нема крекери туку „киселкаста сирова скуша во сок од дуња и зимски штавел“, „зреено месо од гулаб чадено над лаванда“ или „желе од цвет од јаболка“. Менито кое се појавува во книгата е составено од професионален готвач, и навистина додава на сетилноста на искуствата со кои се соочува Гвен во тој за неа нов свет, постепено заљубувајќи се во Тенкрид.
При една посета на родителите, мајката забележува дека ќерка ѝ доживеала некаква промена, и одлучува со неа да сподели една голема семејна, односно женска тајна. Со векови мајките на ќерките во нивното семејство си пренесуваат магичен прстен, кој овозможува остварување на три желби поврзани со саканиот маж. Но во замена, прстенот бара жртва. Жената може да одбере што ќе биде тоа, или прстенот ќе одбере за неа. Бабата на Гвен се откажала од еден од нејзините прсти. Мајката одбрала никогаш да не го напушти малото место во коешто живеела. Гвен треба да донесе тешка одлука, дали воопшто да се согласи да биде дел од таа женска низа, што е она што ќе го посака и што да жртвува во замена. Истовремено, таа треба да биде свесна дека секоја посакана промена кај партнерот ќе ја наруши рамнотежата во вселената, предизвикувајќи домино-ефект и менувајќи ја и самата неа. На пример, остварувањето на желбата сопругот да не противречи може од него да направи неискрен, крајно пасивен и конечно тотално неинтересен партнер, кој наместо да претставува благослов ќе биде доживотен товар. Заедно со прстенот оди и книга во шест делови, во која претходничките на Гвен ги запишале своите искуства, а кои ѝ помагаат да не ги повтори истите грешки.
Така, прстенот од божествен дар станува голем предизвик - комуникацијата со светото којашто е често толку посакувана е двонасочен процес кој подразбира одговорност и жртва. Тоа е потенцијал, кој човекот самиот одлучува дали ќе го искористи и на кој начин. Фактот што само жените можат да го поседуваат прстенот ја симболизира нивната скриена моќ, која се активира кога тие ќе се поврзат со нивните претходнички и ќе научат од нивните искуства, оставајќи ги своите за идните женски поколенија. Така се создава една вонвременска, силна и солидарна женска мрежа, која може да ги менува не само одликите на своите партнери, туку индиректно и светот во којшто живее.
Откако прстенот ќе ја изврши својата задача, тој се повлекува и ги остава оние врз чии животи повлијаел да се носат со последиците од своите одлуки. „Додека Гвен си ги четкаше забите, размислуваше што се случува со чудата откако ќе исчезнат. Црвеното море се раздвоило и по некое време се повлекло на старо. Векните и рибите на крајот биле изедени. Лазар се вратил на земјата кога му дошло време. Но секое од овие нешта, ако биле вистинити, оставиле свои траги во срцата и душите на оние мажи и жени кои верувале во нив и во умовите на тие кои не верувале“. Романот „Прстен“ прави човек да се запраша каде е границата помеѓу светото и световното, помеѓу обичното и чудото, и да поверува дека таа може да се премости.
Илина, Букбокс
Книгата може да се нарача тука