Со горниов текст започнува новообјавената студија на филологот Игор Радев, „Типологија на писмото“, која уште на првата страница укажува на обемноста и значењето на предметот со којшто ќе се занимава - оној културен елемент кој е меѓник помеѓу историјата и пред-историјата, помеѓу „примитивното“ (усното) и „цивилизираното“ (ставеното на хартија, запишаното) и помеѓу писмените, формално неписмените и „неписмените“ - необразованите, неупатените и интелектуално инфериорните. На ова би ја придодале и позната поговорка: „Глупавиот памти, умниот запишува“.
Авторот тргнува од две премиси. Прво, дека јазикот е природен, неограничен симболички систем за фиксирање, организирање и комуникација на смисли, при што неговата комуникативна функција е поврзана и зависна од течењето на времето (или како што тој вели, од „времетекот“). Наспроти него, писмото е вештачки симболички систем односно технологија за бележење на јазикот, чијшто медиум е сраснат со просторот, односно со одреден физички носител (глинена табличка, бамбусова штичка, парче хартија, желкин оклоп, керамика, компјутерски екран).
Метафорички кажано, совладувајќи ја техниката на запишување на (с)мислите, човекот се здобил со значајна предност во совладувањето на двете најголеми ограничувања на своето постоење како единка и како колектив - тоа почнал да го прави со надеж дека текстот ќе ги премости географските далечини, но истовремено, дека тој ќе постои и ќе зборува во негово име дури и кога запишувачот веќе ќе го нема.
Дека ваквата амбиција на текстописците од историјата биле оправдани, ни говори фактот дека секоја историја и типологија на писмото се потпира токму врз остатоци од такви кои одамна не се во употреба, но кои можеби станале основа за некои од денешните. Во нивната категоризација и поврзување, онаму кадешто тоа е оправдано и можно, Радев се служи со теориски модел кој Аристотел го понудил како клуч за објаснување на постоењето на одредено битие, предмет или појава, a кој лесно е применлив и во проучувањето на писмата: од што е направено нештото (од какво градиво, материјал); во каков облик е тоа нешто што го разликува од останатите слични на него?; кој го направил, односно кој е неговиот креатор и со каква цел е направено? Поинаку кажано, како во секој добар новинарски текст, и научниот треба јасно да укаже на „што“, „кој“, „каде“ и „кога“, информации без кои би недостасувале клучните алки во синџирот на логичката презентација.
Таа во случајов тече низ три поглавја: Писмото како даденост, Писмото како тип и Писмото како историја. Иако студијата е релативно кратка (130 страници), веќе во второто поглавје предизвикот за читател кој нема специфични познавања од филологија и семиологија станува поголем. Сепак, Радев е толку педантен, што со малку повеќе концентрација може да се надмине нелагодноста од непознати термини како „фонотакса“ или разликата помеѓу „граф“ и „графема“ (како разлика помеѓу означувачот и означеното), и со помош на табеларните прикази и таксономските дијаграми да се сфатат основните идеи, меѓу кои веројатно клучна е онаа за поврзаноста на типот на писмото и својствата на конкретниот јазик кодиран од него.
Еден сосема мал, но илустративен пример за тоа е просторната, линеарна организација на графемите во запишаниот текст/просторот, која ја следи логиката на последователноста (линеарноста) на говорот во времето. Кинескиот систем го постигнува тоа совпаѓање на рамниште на слогот, а системите на пишување какви што се македонскиот или финскиот на рамниште на фонемата, затоа што во нив секоја буква во просторното соодветствува на поединечните фонеми од временското ниво. Сепак, и покрај различните начини на запишувањето, целта на записот (тоа линеарно совпаѓање) е иста.
Претпоставуваме дека авторот (или графичкиот уредник) имал малку мака да ги вгради сите примери за писма во еден ваков текст, од клинестото акадско, преку микенското линеарно Б, јапонската кана, непалската ранџана, синхалското, сириското до кинеското писмо. Ваквиот градбен потфат, во спој со обликувачките, производните и целните причини на ова дело би можеле сеопфатно да бидат проценети од поголеми познавачи на теоријата и богатата понудена литература во библиографијата. Она што ни остави посебен впечаток, без оглед на нашата „полуписменост“ за темата, е стилот на пишување на Радев кој наликува на некој архаичен, подзаборавен сократовски водич низ текстот, кој како да има и мета-аспект - тече како говор. Тука мислиме на некои реторички прашања во форма на „Зарем не е тоа така и така?“, но и уште поинтересни фусноти, како „Заборавив да прецизирам дека...“. Како да слушаме усна презентација (со Пауер Поинт визуелизации), а не текст при чие пишување секако имало време авторот да се наврати и да го надополни она што го заборавил во претходната верзија. Ова додава шарм на материјалот, во кој додуша ни недостасуваше нешто како заклучок или кода, во која оние за кои авторот во воведот се надеваше дека „ќе се помачат да ја прочитаат“ ќе беа наградени со еден (по)поетичен осврт кон моќта на писмото. Макар допишана ракописно, и макар и на кинески.
Илина, Букбокс
издавач: Македоника литера