
„- Северна Ирска
- Не, северот на Ирска“
Ова е реплика од „Никеп“ (2024, достапен на ХБО), филм кој е формално игран, но во кој најважните улоги ги играат реалните членови на истиоимениот ирски бенд, поддржани од ѕвезди како Мајкл Фасбендер. „Никогаш Северна“ - слободно би можел да гласи одговорот, на ситуација со која историски можеме да се идентификуваме, бидејќи задира во загрозени права на идентификација и користење национални симболи.
Tриото е формирано во 2018, среде контроверзите поврзани со предлогот на партијата Шин Феин за тн. Закон за ирски јазик, кој би го изедначил со британскиот во сите домени на јавниот живот, но и кој би овозможил негов генерален опстанок (законот е конечно донесен во 2022). За ваквата ситуација има и добра причина - младите не се изложени на содржини на ирски со кои можат да се поврзат, правејќи од него јазик на нивните баби и дедовци и на минатото. Во првите сцени наставник се обидува да ги заинтересира за текст од учебник на ирски кој се уште зборува за глад, копање јаглен и други нешта неповрзани со нивниот живот во 21 век. Но кога млади дечки слични на нив ќе излезат на сцена и ќе почнат да рапуваат за актуелни проблеми, невработеност, полициска агресија, дроги и секс, нештата одеднаш стануваат интересни. Дури и за британските слушатели кои почнуваат да учат ирски за да го разберат текстот.
Секако, ова не поминува без реакции, следење, полициски притисоци, закани. Самото име е игра на зборови и асоцира на практиката на пукање во колено, спроведувана од републиканските парамилитанти како форма на одмаздничка правда (и кон „обични“ криминалци - на пример дилери) и ирска фраза која звучи слично на „никеп“, а значи „не мислам така“. Иако бендот е поврзан со ирскиот републиканизам и промовира реунификација на раздвоените делови („цела да е“), како и класна солидарност помеѓу католиците и протестантите, членовите на бендот признаваат дека нивниот стил на живот и нештата за кои пеат не се секогаш поздравени од самите Ирци, кои не гледаат ништо корисно во тоа на сцена да покажеш гол газ со натпис „Британци надвор“.
Најнова вест поврзана со бендот е од тековниот фестивал Гластонбери. Би-би-си одбил да обезбеди пренос во живо од настапот на Никеп на 28 јуни, откако член на триото бил обвинет за „терористичка закана“ поради наводно мафтање со знаме на Хезболах на концерт минатата година. Ваквите обиди за цензура до сега само помогнале во популаризацијата на бендот, кој сега се наоѓа во необична позиција - нивниот „герила“ настап доведе до мејнстрим успех, контрадикција на која не одолеале и други чиј сиров политички настап полека се претворил во „радикален шик“.
Гледајте го филмот, забавен е како „Трејнспотинг“ и има супер музика
фото: Epa Images