
На Летните олимписки игри во Берлин во 1936 година, кои биле обележани со силна политичка контроверзност и нацистичка пропаганда, се случиле и неколку инспиративни моменти. Освен што афроамериканскиот атлетичар Џеси Овенс освоил четири златни медали, двајца јапонски спортисти – Шуеј Нишида и Суео Ое – оставиле траен белег со приказна за пријателство и несебичност.
Во дисциплината скок со стап, Американецот Ерл Медоус го освоил златото со скок од 4.35 метри. За второто место се натпреварувале уште тројца: Американецот Бил Сефтон и Јапонците Нишида и Ое. Сефтон не успеал да ја совлада бараната височина, додека Нишида и Ое имале идентични резултати. Организаторите побарале од нив повторно да скокаат за среброто, но тие категорично одбиле. Побарале да го делат второто и третото место, но тоа согласно прописите не било можно - морало еден од нив да го земе среброто, а друг бронзата.
Јапонската делегација морала сама да одлучи како ќе ги подели медалите. Конечно, среброто му било доделено на Нишида. Причините за тоа се предмет на различни толкувања. Некои велат дека тој ја прескокнал висината од 4.25 метри од првиот обид, додека Ое тоа го направил од вториот. Други веруваат дека Ое, како четири години помлад, му го отстапил второто место на својот „сенпаи“ – постар и поискусен колега – од почит. Има и теории дека Ое се надевал на злато на следната Олимпијада, па оттаму бил подготвен на отстапка.
Но нивниот следен потег ги побива сите тие претпоставки. Кога се вратиле во Јапонија, двајцата спортисти отишле кај златар и побарале нивните медали да се пресечат на половина. Потоа ги споиле половинките – сребро и бронза – и создале две уникатни, хибридни признанија. Така настанал симболот на нивното пријателство и заедничка победа: „Медалите на пријателството“.
Иако биле пријатели, тие сè уште биле и ривали. Планирале реванш на Олимписките игри во 1940 година, кои требало да се одржат во Токио. Но поради Втората светска војна, тие биле откажани. Ое загинал за време на војната, а Нишида доживеал 87 години, починал во 1997. Во 2005 година, неговиот „Медал на пријателството“ бил дониран на Универзитетот Васеда, каде што студирал.
Од финалето во скок со стап од 1936 дури има и снимка: