
Во март 2024, мексиканскиот уметник Чавес Марвол спушти камена скулптура - копија на познатите Гигантски глави на древните Олмеки, цивилизацијата што живеела на брегот на Мексиканскиот Залив пред околу 3.000 години - врз син автомобил Тесла. Перформансот беше трето и последно дело од неговата серија „Нео-Тамеме“, во која комбинира камени археолошки реплики со современи објекти.
Автомобилот бил дониран од локален хотел од Мексико Сити, иако уметникот изјавил дека не знае под кои услови бил набавен.
„Мојата задача беше да работам на каменот, додека тие го бараа автомобилот. Јас инсистирав да биде токму Тесла, инаку делото немаше да има смисла“, изјавил Мармол. За изработка на скулптурата му требале околу шест месеци, со помош на уметници од различни делови на Мексико. Вкупно, целиот проект траел две години.
Мармол бил инспириран од делото „Мртва природа со дух и Кситл“ (2007) од уметникот Џими Дарем. Тоа дело вклучуваше уништување на автомобил Крајслер од 1992 година, врз кој се спушта огромен вулкански камен (од мексиканскиот вулкан Кситл) со насмевнато лице – критика на колонијалната и корпоративната експлоатација на Мексико.
Во сличен дух, делото на Мармол претставува негова критика на компанијата Teсла и на нејзиниот основач, Елон Маск.
„Не ми беше цел само да уништам скап автомобил. Има и поскапи. Сакав да уништам објект што симболизира фигура што ја сметам за злокобна, како Елон Молуск (мекотелец)“, рече Мармол, намерно погрешно изговарајќи го името на Маск.
Во декември 2023 година, мексиканското министерство за животна средина одобри изградба на нова Тесла фабрика („гигафабрика“) во северната држава Нуево Леон, со поддршка од 153 милиони долари од локалната власт. Таму се планира производство на поевтин електричен автомобил, но проектот е одложен поради економски сомнежи што ги изразил Маск.
„Сакав да го срушам тој објект со нешто што е иконично за најстарата култура во Америка – прекрасен археолошки објект на кој во Мексико сме навистина горди“, додаде Мармол.
Уметникот до денес нема добиено реакција од Тесла или од Маск. „Се сомневам дека им е грижа што прави или зборува еден мексикански уметник“, рече Мармол.