
„Книжевен дечко“ (Book boyfriend) е измислен лик од книга, кој има особини кои се стереотипно посакувани од спротивниот пол. На пример, тоа е некој кој ја слуша својата партнерка, ги помни ситните детали, би се жртвувал за неа, а веројатно и би ѝ го однел кафето во кревет. Голем број читателки во него наоѓаат модел на идеалниот партнер, а издавачите го користат тоа, рекламирајќи нови книги со фрази како „Дозволете да ве запознаеме со вашиот нов книжевен партнер“. Во контекст на сè покомплицираните хетеросексуални односи, ваквите ликови им овозможуваат на жените да ги зголемат своите стандарди и очекувања од потенцијалниот партнер, како и да си ги исполнат емотивните потреби преку читање приказни за други луѓе.
Некои жени изјавуваат дека токму поради книжевните дечковци сфатиле дека не треба да се задоволуваат со мажи кои не покажуваат основна грижа или почит. Од друга страна, мажите можат да се чувствуваат несигурни, бидејќи е тешко да се натпреваруваат со таквите совршени ликови.
Секако, вакви ликови имало и низ историјата, иако некои од нив освен посакувани биле и проблематични. Во 1848 книжевно списание известило за „возенмирувачка метанлна епидемија под името Џејн Ер треска“. Младите девојки и нивните гувернанти сведочеле за однесување на млади мажи, кои инспирирани од главниот лик во спомнатата книга, г-дин Рочестер, почнувале да се однесуваат насилно, да пцујат и да ги користат мрачните моменти од својот живот како оправдување за истото. Таквите долго време ги фасцинирале читателките, но и предизвикувале критики. Сега, согласно новиот тренд во романтичната литература, промовиран на социјалните мрежи (Букток, Букстаграм) е дека машките ликови учат од своите грешки. Тие не чекаат жената да ги „поправа“, туку самите се менуваат и преземаат одговорност. За разлика од „Џејн Ејр“, каде хероината мораше да помине низ голгота, да моли по комшии за каша и речиси да се омажи за својот морничав братучед пред да се помири со својот партнер, денешните хероини често не прават такви компромиси.
Некој се помачил па категоризирал 12 типови книжевни дечковци