„Фуникули фуникула“ е мало кафуле во тесна уличка во Токио, отворено во 1874. Освен воведувањето на струја, други промени во ова место речиси и да немало. Моментални сопственици се Кеи и Нагаре, брачен пар, а братучетката на Нагаре, Казу, е студентка која помага кога не е на предавања.
Она што ова кафуле се разликува од сите останати во светот е што во него има специфична маса и столица кои се всушност портал за патување низ времето. Само што со таквата процедура се поврзани голем број правила. Најпрвин, треба да се начека добар момент кога столчето е празно, а на него речиси постојано седи девојка во бело, која е всушност дух. Во ретките моменти кога таа оди до тоалет некој од посетителите може да седне на местото. Тогаш Казу става жешко кафе во шољата, а посетата на одреден момент во минатото смее да трае онолку колку што на кафето му треба да се олади. Ако се надмине оваа граница, тогаш временскиот патник засекогаш останува заглавен во тој универзум.
Но најинтересното правило е всушност парадоксално и ја доведува во прашање смислата на целиот потфат. Што и да се случи во минатото откако посетителот ќе стапне во него, тоа нема никако да влијае врз сегашноста. Оној кој требало да замине ќе замине, оној кој ќе се раздели од своето дете во минатото нема да може повторно да се спои со него во сегашноста, нема можност за спречување на тешка болест или некакво семејно недоразбирање.
Сите овие теми се причини за патување на четворица муштерии во времето, и покрај свесноста дека ризичната процедура нема ништо да промени. Бизнисменката Фумико, која пред многу години стоички ја издржува информацијата дека нејзиниот дечко Горо ќе замине за Америка овој пат сака да му покаже колку ѝ е тешко што ќе се разделат. Медицинската сестра Котаке сака уште една можност за да разговара со својот сопруг Фусаги пред тој да заболи од Алцхајмер и да престане да ја препознава. Хираи, сопственичка на друг бар, сака да зборува со својата помлада сестра, Куми, која залудно се обидувала да ја контактира. Кеи пак, која е бремена но и со тешка срцева маана, се плаши дека нема да го издржи породувањето и сака да си ја види ќерката во иднината. Ова е всушност и единствениот случај на патување во времето нанапред во книгата, експеримент којшто покажува дека тоа е можно кога се има навистина голема мотивација.
Ова е дебитантска книга на Кавагучи и дури и да не се знае дека е адаптирана од театарска претстава тоа некако се чувствува. Сцените се со јасни „влезови“ и „излези“, означени со звукот на ѕвончето на влезната врата на кафулето. Сето дејство се одвива само внатре ѕидовите на локалот, што значи дека временските патници треба да имаат и среќа, оној којшто сакаат да го видат да биде на местото на одредениот датум и во одреденото време, кое е прекратко за да остава „луфта“ за грешка. Затоа што кафето брзо се лади...
Романот е по малку и мелодраматичен, со нагласени емотивни „испади“ на ликовите, кои се разбирливо превозбудени кога треба да се соочат со за нив најзначајниот настан кој им ги променил животите, а врз кој тие немаат никаква ретроактивна контрола. Но овој парадокс на книгата веројатно треба да се сфати на следниов начин - со самото тоа што некој лоцирал што е она што му е важно, тој веќе направил некаква промена. Седнувањето на столчето е како лежење на психотерапевтскиот кауч, само што во случајов соочувањето со најдлабоките стравови и желби мора да трае кратко а не со часови и со бесконечни интроспекции. Понекогаш, и тоа време е доволно.
Книгата на македонски е издадена од „Три“, превод од англиски Василија Теофилова.
Илина, Букбокс
Најавите за Нихон-џи фестивалот на јапонска култура може да ги следите тука