Животната патека на Нацуме Сосеки (1867-1916) е индикативна за толкување на општествениот, но и на книжевниот контекст во којшто се појавил романот „Кокоро“, неговото најпознато дело. Роден како шесто, непланирано дете на веќе возрасни родители од просечно самурајско семејство, тој најпрвин бил посвоен од други, бездетни родители. Подоцна, поради нивниот развод, се вратил кај старите, но таму го третирале само како уште една уста за хранење. До средното образование се школувал во потрадиционален дух, но веќе на Кралскиот универзитет во Токио сфатил дека отворањето на Јапонија кон Западот нуди можности за негово запознавање со англискиот јазик и со книжевноста.
По мачниот неколкугодишен престој во Лондон, каде бил дискриминиран и во лоша финансиска ситуација, се вратил во Токио како универзитетски професор. Ја напуштил позицијата во 1907 за целосно да му се предаде на пишувањето. До денес тој е еден од најзначајните јапонски автори, а неговиот портрет бил ставен на банкнотата од 1000 јени.
„Кокоро“ е објавен во 1914, на врвот на славата на Сосеки, и две години пред неговата смрт. Тешко преводливиот наслов може да означува срце, духовност, суштина на нештата. Дека самиот термин ќе биде предизвик за преведувачите, особено од англиското говорно подрачје, тоа сигурно му било јасно на авторот кој и самиот преведувал од и на англиски. Оттаму, ваквиот избор веројатно не е случаен, и укажува на анксиозноста и фрустрациите во комуникацијата, не само помеѓу два јазика и две култури, туку и помеѓу луѓето воопшто.
Токму таквата блокада во меѓучовечките односи, обременета со мали но (буквално) смртоносни дози суета, самозалажување, завист и недоразбирања се и главната тема на романот. Историскиот период во којшто се одвива самиот по себе наметнува конфузија и преиспитување на сето она што претходело и на она што доаѓа. Станува збор за крај на еден долг период, ерата Меиџи (1868-1912), кога поданиците на јапонската империја прв пат излегле од изолираноста на феудалното општество, ризикувајќи колонизација од западните сили, свртувајќи се кон нова парадигма на модерна, индустријализирана национална држава. Во неа почнале да се шират и постепено да се прифаќаат сите научни, технолошки, филозофски и естетски идеи, често фузирани со оние локалните и традиционални. Ова се одразило на сите можни полиња на општествениот и секојдневниот живот, но и во психологијата на оние зафатени со транзицијата.
Двајцата главни ликови во романот се наоѓаат во слична ситуација. Едниот, „сенсеи“ или учителот, живее токму таков, изолиран, но не многу среќен живот, обременет со длабока тајна и мизантропија. Неговиот помлад пријател интензивно ја живее динамичната сегашност, притоа обидувајќи се да го разбере и почитува светогледот на учителот, како и начинот на живот и ставовите на неговите сопствени родители.
Романот е поделен на три дела, првиот „Сенсеи и јас“, ја опишува средбата и развојот на пријателството со учителот. Вториот „Моите родители и јас“ се сели во семејството на нараторот и настаните кои претходат на смртта на таткото. Третиот и најсилен дел е „Тестаментот на сенсеи“, кој всушност бил напишан прв, во кој во форма на писмо ја следиме целосната автобиографија на учителот и причините што довеле до тоа тој да стане онаков каков што е.
Низ сите овие приказни се запознаваме со тензиите внатре јапонското општество, често невидливи за романтичното западно око, прашањата за честа, вината и осаменоста. За овие традиционално важни теми Сосеки зборува на нетрадиционален начин, дотогаш невиден во јапонската книжевност - со тоа што ги менува аглите на раскажување, и со тоа што на ликовите не им доделува ни имиња (тие се „Јас“, „сенсеи“, „К“ итн.) Нештата на почетокот од текстот се одвиваат прилично бавно, со голем број повторувања и многу суптилни назнаки, кои потоа, како во музичка композиција, полека забрзуваат и се засилуваат, доживувајќи го своето крешендо дури на последната страница.
„Кокоро“ е преведен на англиски во три изданија, прв пат во 1941. Според него се направени два играни филма, а романот бил и инспирација за аниме серија и за манга. На македонски тој со право е вклучен во едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“, во превод на Виктор Шиков.
Илина, Букбокс