„Меѓународен бестселер“, „Добитник на Гонкуровата награда“, „Исклучителна спекулативна фикција“...Ваквите фанфари за некого се хипнотички привлечни, за други се како распарувачки звук на труба директно во уво. Во период во кој се потсетивме дури и на подзаборавени дистопии, кои или визионерски ја предвиделе пандемијата, или суптилно кокетираат со идеи за светот како алгоритам во кој човештвото ја има загубено контролата над наративот (ако воопшто некогаш ја имало), приказна која зборува за мистериозно подвојување на реалноста, „аномалија“ во време-просторот, звучи како одамна прочитана и повеќе пати видена. Тоа што станува збор за француски, а не за американски автор, не е гаранција дека книгата би била пандан на независна продукција, наспрема холивудизираниот „ред месо“ (напнат ФБИ-ЦИА-светски лидери-платени убијци-шпиони трилер), „ред компир“ (филозофски пасажи за природата на реалноста и илузијата на идентитетот).
24 јуни 2021. Летот од Париз до Њујорк минува низ необично силна и неочекувана бура која речиси го уништува авионот. Откако пилотите успеваат да го одржат во воздух и да се најават на контролата на летање на Џеј-Еф-Кеј, властите сфаќаат дека тоа е сосема истиот авион кој веќе слетал на истиот аеродром на 10 март. Под „сосема истиот“ се подразбира идентичен список на патници и екипаж, кој тогаш, во март, се истоварил и продолжил со својот живот во трите месеци до актуелниот инцидент.
За разлика од своите мартовски „двојници“, луѓето на јунскиот Боинг 787 се назад во сопствените биографии, односно го немаат проживеано периодот 10 март-24 јуни. Иако звучи како кратко време за некакви коренити промени во нивните личности и судбини, тоа во одделни случаи се покажува како клучно и бизарно. Помеѓу ликовите е платен убиец со повеќе идентитети, неуспешен писател кој извршил самоубиство пред да го објави својот последен роман со мета-наслов „Аномалија“, американскиот пилот на авионот кој има рак на панкреас, девојче чиј татко е американски ветеран од повеќе војни, нигериски геј пејач, неколкумина научници и агенти кои ја водат операцијата на откривање кој и што стои зад „гличот“. Со оглед на тоа што главна оска на заплетот е авионски лет, и голем дел од дејството се одвива токму по аеродромски хангари, целата приказна неодоливо потсетува на „Беснило“ на Пекиќ, иако нема директна врска со ширење на загадочна епидемија. Освен ако под „епидемија“ не подразбереме серија инциденти кои укажуваат на рез во ткивото на реалноста, што од инволвираните ликови, и од нас како читатели, бара да ги преиспитаме нашите ставови за неа како за стабилна и несомнена.
Критиката го опишува романот како „постмодерен“, поради автореферентноста и честите алузии на други дела (насловите на трите главни делови се стихови од Рејмон Кено; протоколот по кој работат американските власти е број 42, што е можеби референца на Даглас Адамс; на последната страница има тн. калиграм - емигматичен текст во форма на слика што асоцира на традицијата на Улипо). Сето тоа е забавно и интригантно и прави да се замислиме што би било кога нашето „јас“ сега би се замрзнало, а потоа би се соочило со она од по три месеци, без сеќавањата и искуствата од тој период. Веројатно најголемиот успех би бил воопшто да бидеме тука за да се сретнеме со нашиот двојник. Но по истата автореферентна асоцијација, и самата книга како да доцни зад своите „оригинали“ (или „двојници“?), и тоа не неколку месеци туку повеќе години. Можеби серијата ќе биде подобра.
Илина, Букбокс