Бенто де Еспиноза или Барух Спиноза - холандски филозоф со португалско-сефардско потекло, еден од првите мислители на просветителството и голем рационалист од 17 век.
Aлфред Розенберг, балтичко-германски нацистички теоретичар и идеолог. По Втората светска војна на судењето во Нинберг осуден за злосторства против човештвото и обесен во 1946.
Како е можно овие два толку различни лика историски, а и наративно да бидат поврзани, а тоа да не звучи како натегната приказна? Ирвин Јалом, американски психијатар и романсиер, и во книгите пред „Проблемот Спиноза“ од 2012 ги спојуваше фикцијата и историските факти поврзани со неколкумина мислители („Кога Ниче плачеше“, „Лекување со Шопенхауер“). Во оваа, преку последователни поглавја де од едниот, де од другиот живот, тој преку делумно фикционализираните биографии на Спиноза и Розенберг анализира универзални теми: влијанието на идеологијата врз формирањето на личноста (и обратно - дали одредени карактери се посклони кон радикализација); тензиите помеѓу слободните мислители и колективот на којшто му припаѓаат (и обратно - што сè е подготвен човек да направи за да биде дел од колектив); традицијата и детерминизмот наспроти слободната волја; разумот наспроти страста итн.
Степенот на фиктивност во деловите за Спиноза секако е многу повисок, бидејќи за него има многу скудни биографски податоци и ниту еден портрет од прва рака. Единствена „оска“ околу која Јалом можел да ја плете приказната била екскомуникацијата на филозофот од амстердамската еврејска заедница на возраст од 24 години, одлука која важи и до денес, а неодамна беше повод за инцидент.
Деловите за Розенберг во многу поголема мерка се потпираат на сочувани документи и на побогата историска меморија за настаните околу Втората светска војна и подемот на нацизмот. Во едно од првите поглавја, 16-годишниот Алфред е повикан во канцеларијата на училишниот директор поради антисемитски говор што го оддржал пред соучениците. Како форма на превоспитување, тој добива задача да запомни пасуси за Спиноза од автобиографијата на Гете. Наставникот кој го смислува ова се надева дека на овој начин младиот Розенберг ќе сфати дека и помеѓу Евреите имало големи мислители, на коишто им се восхитувале најголемите германски синови. Но во свеста на Алфред ова не е разрешница, туку самото по себе претставува проблем - како е можно еден гениј како Гете да бил инспириран од припадник на она што според него е инфериорна раса?
Во текот на приказната откриваме и други точки на допир помеѓу двата лика. Спиноза е отфрлен од својата заедница поради наводно еретички ставови и поради тоа што поради своите високи етички принципи не сака да има јаз помеѓу неговиот живот и неговата филозофија. Розенберг пак станува дел од нацистичката идеолошка врхушка, често се среќава со Хитлер, уредува пропагандно списание, но никогаш до крај не е прифатен како интелектуално рамноправен со останатите - според истражувања на коефициентот на интелигенција на оние кои биле судени во Нинберг, неговиот бил најнизок. Страсно желен за признание и љубов од фирерот и неговите соработници, тој ги радикализира своите постапки за да привлече внимание, и на судењето дури и ги „пумпа“ своите заслуги, со тоа самиот потпишувајќи си ја смртната казна. Обратно од Спиноза кој на некој бизарен начин посакува екскомуникација, Розенберг копнее по целосна припадност. Истовремено, длабоко во него тлее „проблемот Спиноза“ кој ќе доведе до тоа два пати да ја посети библиотеката на филозофот во Амстердам - еднаш за да ја задоволи својата љубопитност, втор пат за да ја уништи.
Со оглед на тоа што е психијатар, Јалом и во романот често го користи методот на дијалог помеѓу негови замислени алтер-ега, пријатели на главните ликови, кои би требало да откријат нешто повеќе за нивните внатрешни животи. Ова е толку често, и на моменти толку нападно, што му ја одзема можноста на читателот самиот да ги претпостави и замисли нештата без да се чувствува како да е присутен на психоаналитичка сеанса. Главниот адут на книгата е интересот којшто го поттикнува за овие две биографии и необичниот начин на којшто тие се преплетуваат.
Македонското издание на книгата е на „Три“ во превод на Сузана Велинова.
Илина, Букбокс