„Насилството му помага на секое старо општество што ќе затрудни, да се породи со ново“
Напишана со италик за да се нагласи нејзината важност, оваа реченица од книгата паѓа како ќеса полна вода од седми кат, на крај од пасус за студентските денови на мајката на авторот, додека таа патува со воз низ долината на Дрина а пред неа „полека поминува Југославија“. Парадоксално, таа насилството го поврзува со обнова и катарза, небаре е добро што се случило зло за животот да може да продолжи, свеж и прочистен од - злото.
Но кога ужасот од ваквиот заклучок ќе стивне, а ќе се активираат рационалните механизми на расудувањето, мораме да се согласиме. Барем што се однесува до книжевноста на поранешните простори на Југославија, од нејзиниот насилен распад излегоа такви книжевни дела кои траумата ја преточија во уметност, каква што инаку немаше да се случи. Музата не е на кето, туку се храни калорично, со крв, пот и солзи. На оние кои останале да раскажат.
И тука има уште една иронија. Иако речиси сите книги кои содржат спомени на екс-Ју писатели-бегалци на ниво на дискурс се безмалку идентични, сите (барем оние кои ние сме ги читале) се - одлични. Тука секако помага добрата меморија, талентот фактот да се спои со измисленото, длабочината на искусената трагедија, по можност својата. Се отвора со детал, на пример со сцена како се стои на гробот на предок со чоканче ракија (во случајов и со ананас), и се припомнува на нештата поминати со него. Следат анегдоти кои се очешуваат од некој друг, спореден лик, кој во некое од следните поглавја во книгата може за миг да стане главен, со својот куц ôд, склоноста кон коцка или меракот за некоја посебна песна, која станува симболична за судбината на колективот. Нешто што се води како роман така станува збирка раскази, расфрлани и често неповрзани, освен низ оној кој ги доживеал и кој ги раскажува.
За потписникот на овие редови не е напишана подобра книга во овој трагичен жанр од „Никаде, од никаде“ на Беким Сејрановиќ, толку трогателен што е богохулно за неа да се пишува каков и да е осврт или критика (затоа и ја нема во Букбокс читанка). „Потекло“ на Саша Станишиќ, во речникот на американската номенклатура на содржини, е по „лајтхартед“, иако зборува за еднакво страшни нешта, за загуби, селења, далечини и насилства кои довеле до нив. Сепак последново не е експлицитно содржано, туку шушти само како далечно ехо, како лузна под колено за која таткото не сака да зборува. Зборот во насловот на книгата е всушност оној кој е постојано доведуван во прашање, затоа што тоа - потеклото - не е ни географско, ни генетско, ни културолошко, туку е збир од она што човек го видел, вкусил, го споделил со други, го преживеал. Нашето потекло е целиот наш живот до моментот кога сме се сталожиле, сме се формирале и сме почнале да надоградуваме нешта врз таа база. Потеклото е нашата лична историја.
На ниво на факти, Станишиќ (1978) е роден во Вишеград од мајка Бошњачка и татко Србин. Во 1992 тие ја напуштаат Босна и пребегнуваат во Германија. Таму тој завршува славистички студии во Хајделберг. Со првата книга дебитира во 2006, а таа всушност му овозможува да се декларира како „вработен“ и да може да остане во земјата. Кога „Потекло“ ја добива најзначајната награда во Германија, тамошната бирократија веројатно малку го отпуштила стисокот. На ниво на интимна автобиографија, Саша е многу повеќе од ова, што не го собира ни во една книга.
Илина, Букбокс
издавач: Антолог
превод од германски: Елена Конеска Светиева