Пред неколку години со еден познаник, театарски режисер, седевме во кафана на улица Македонија, пред излогот на книжарницата Култура. Можеби токму заради името на продавницата, или заради погледот кон полиците со книги, муабетот почна да се врти околу проблемите во културата: недостатокот на пари за „вистинска" уметност, стандардната загриженост од допирањето на естетското дно во сите сфери, сето тоа придружено со должно споменување на феноменот со флексибилна дефиниција но јасна, погрдна конотација - турбо фолкот.
„Ок, можеби е сепак подобро некој, макар и заради поза, да ја прочита Кодот на Да Винчи, отколку да нема прочитано ни една книга", изјавив со тон кој требаше да прозвучи утешно. Eлитистот во мојот познаник ја крена тупаницата и речиси замавна во стаклениот излог каде стоеше спомената книга како кон најголем душман. „Ако ми треба Ден Браун за да научам кој е Да Винчи тогаш подобро ич да не знам" - беше неговиот радикален став.
Од тогаш не сме седнале на кафе.
Литературата не е 'лесна' забава. За разлика од музиката која можете да ја слушате и додека миете садови или возите точак, на книгата треба да ѝ се посветите како на строга љубовница. Не е ни чудно што многумина се однесуваат со нивните омилени книги како со драги личности, ги чуваат покрај креветот, внимаваат да не се оштетат и повремено ги отвараат за да се потсетат на убавите мигови од нивната 'врска'. За читање на каква и да е литература треба време и барем минимум интелектуален напор. Ако книгата ви се допадне времето не е загубено, а напорот не е залуден. Ако таа повеќе ви земе отколку што ви даде, тогаш со право може да се чувствувате измамени. Или пак да научите како подобро да бирате во иднина.
„Што е добра, а што лоша литература", би гласело парафразираното прашање на платоновиот Федар кој се прашуваше што е тоа добро, а што лошо, и кој треба тоа да ни го каже. Кои критериуми би требало да имат предност - начелото на задоволството или она на некакво рационално познание, две начела кои стереотипно се одвојуваат, при што второто се лоцира во 'повисоките' сфери. Дали 'лесната' книга е по дефиниција лоша? Дали мора да се мачам со Достоевски само за да не испаднам глуп? Дали по дефиниција да ги одбегнувам бестселерите затоа што во нив нема ништо 'интелектуално'?
Книгите на Ден Браун не се ни од далеку лесни четива. Трилерите и во сферата на филмот и во онаа на книгите е жанр кој продава, но кај Браун има и повеќе од тоа. Ред месо ред коски - ред историја, ред мистерија, класична уметност, поп култура, женски прашања, алхемија, Библија, масонерија, дури и политика. И без да се задлабочувате во сите детали, ако ја прочитате Загубениот симбол, вие сакале-нејќеле ќе имате прочитано над 500 страници. Пресметајте колку минути ви се потребни за секоја од нив, помножете по петсто, и ќе го добиете времето од животот кое сте го потрошиле читајќи ја. Ако не ви е криво има две можности - или генерално уживате да се мачите, или тоа за вас е добра книга. И сега треба да дојде некој литературен критичар растен на Пруст и Јејтс и да ви каже дека не е?
Голем број такви критичари се измачија да докажат дека читањето на автори како Ден Браун е интелектуална декаденција, и дека комерцијалноста не е никаков доказ за квалитет. Тоа сепак не беше пречка Загубениот симбол, првиот роман на Браун по Кодот на да Винчи, да се продаде во 1 милион примероци на првиот ден од неговото излегување во Британија, Канада и САД. На ваквиот успех единствено може да му парира едно од продолженијата на Хари Потер (Harry Potter and the Deathly Hallows) кое на првиот ден од објавувањето се продаде во 8 (да, осум) милиони копии. Ваквите бројки ја прават дискусијата за естетските вредности на споменатите дела некако...излишна.
Да ламентирате над милионските тиражи на Браун ви е исто толку дозволено, но и исто толку непродуктивно, колку и да да жалите за генералната неправедност и површност на светот, во кој просечните поминуваат подобро од генијалците. Дури и историски ова не е ништо ново, само бројките се малку поголеми. Она што можете да го направите ако не ви се допаѓа Браун е - да не го читате. Ако не ја издаваат вашата поезија отворете блог. Ако го сакате Шопенхауер, и ако има само уште тројца такви во градот, дружете се со нив. Ако се бавите со уметност и сакате да бидете доследни на вашите естетски принципи помирете се дека можеби ќе треба да работите нешто друго за да преживеете. Пружете го вашето парче отпор, но тивко и без цинизам. Ако можете.
Веројатно упорно го читате текстов очекувајќи да ви кажам за што се работи во книгата. Искрено, за разлика од Кодот, оваа не ја прочитав - покрај креветот ме чекаат многу поинтимни, а запоставени пријатели. Сепак, до последниот пиксел ќе се борам за правото на оној кој сака да го стори тоа. Не дека нема опасни и лоши книги. Но исто како и со опасните и лоши луѓе, единствено што можете да направите е да ги одбегнувате и истото топло да им го препорачате и на другите - историски забраните и спалувањата не поминале баш најсјајно. Загубениот симбол сепак мислам дека не е толку страшна. На крајот на краиштата прочитајте ја, па кажете. Она што Букбокс не можеше а да не го одбележи дека таа беше најпродаваната во светот за 2009, година на економска криза, во која луѓето сепак имале потреба да купат - книга. Тоа некако ме теши.