Можеби има нешто во отсуството на стратегија на други македонски автори, кои наоѓајќи задоволство во пишувањето „чисто онака, за себе", оставаат делото да живее без оглед на нив, и по нив. Владимир Коробар, некогашен новинар во Македонското радио, преведувач и сликар, изгледа бил од вторите. Неговата книга раскази „Зачин од мандрагора", печатена во мал тираж и тивко промовирана во 2000, неодамна беше пронајдена некаде на долните полици во една скопска книжарница, главно „населени" од македонски автори, каде ретко кој посегнува.
Сите раскази се пишувани во минималистички стил, со спокоен тон и ист таков однос кон опишаните ликови и настани. Некои се извадени од секојдневниот живот на еден новинар – кафанските муабети со колегите во „Наџак", живописните ликови од радио прилозите, атмосферата во редакцијата за огласи и последни поздрави, други од искуствата на еден планинар и патник низ Северна Европа, а трети се оние надреалните, инспирирани од Булгаков или научната фантастика.
Но она што особено прави впечаток е речиси пророчката содржина на неколку од расказите кои не спаѓаат во споменатите. Таков е оној под наслов „Древниот храм", во кој ќе препознаете ситуации кои во таа, 2000-та година, кога е излезена книгата, се уште не се беа случиле. А има и такви кои веројатно допрва ќе се случат.
Да не ви раскажувам, еве го расказот. Неговиот автор за жал почина, во 2002.
----------------------------------------------------------------------------------------
ДРЕВНИОТ ХРАМ
Во почетокот беа напишани само неколку збора во весниците околу тоа дека длабоко под сообраќајницата во центарот на градот се откриени необични големи куполи на некаков древен храм. Подоцна, археолозите бучно се изборија сосема да се ископа храмот, свртувајќи ја во друг правец сообраќајната аорта на метрополата. Тоа беше огромно здание, потемнето од вековите, со чудесен фреско-живопис и со олтар во длабока црна резба. Впечатокот од храмот беше толку силен, што веднаш го прогласија за споменик на културата од врвен национален интерес.
Главниот археолог не се задоволи со својата слава на најпознат истражувач. Најпрвин го наметна својот став дека храмот, кој просто речено се наоѓаше „во дупка", треба да доминира во градското јадро, па затоа е неопходно до неговото ниво да се симне пошироката градска околина.
Откако го уреди тоа, уривајќи ги сите модерни зданија во центарот, го прогласија за првосвештеник. Замаен од темјанот, со патетичен глас и дикција на артист, со долга брада и широка одежда скроена според фреските, пламено говореше за верата и за историјатот на храмот чии нејасни почетоци се губеа во маглата на далечните столетија. Тој оформи повеќе црковни хорови за да ја пренесуваат славата на Севишниот преку старите псалми кои одекнуваа до крајот на плоштадот исполнет со народ.
Рака на срце, народот, кој подолго време се хранеше како „птиците небесни", искрено ѝ се радуваше на оваа атмосфера околу храмот, поддржувајќи ја на различни начини: со новите куќи проектирани во духот на минатото, со облеката која стануваше сè поархаична, а пред сè со зголеменото присуство на црковните свечености. На плоштадот пред црквата се појавија разно-разни божји луѓе и налудничави пророци кои ги палеа масите со своите говори.
Политичарите влегоа во храмот, покорувајќи им се на религиозните обичаи. Беше непристојно да се стаса до храмот со автомобил, па тие, како и побогатиот дел од народот, доаѓаа со кочии влечени од расни коњи. Хиерархијата на власта и на повидните граѓани беше зачувана преку местата што ги добиваа при големите богослуженија, на кои бледата светлина од свеќите треперливо паѓаше врз нивните лица втонати во тивок занес. Во храмот, дотогашниот претседател на државата со древен церемонијал беше прогласен за монарх.
Моќен и исполнет со силен ентузијазам, првосвештеникот забрани да се пренесуваат неговите вдахновени говори преку медиумите, па луѓето доаѓаа од сите краишта на земјата за да се соберат пред храмот.
Неговите проповеди веќе имаа силно влијание врз литературата. Писателите пишуваа обемни житија за светците, а критичарите ги прогласија сите други дела за апокрифни. На средината на плоштадот во празничните денови се спалуваа ваквите книги, сè додека тоа не стана здодевен чин. Тогаш самите верници донесуваа богохулници и вештерки кои таму ги врзуваа за Столбот на срамот.
А кога првосвештеникот му се претстави на Бога и беше прогласен за светец, не мина многу време пред да почне да се тргува со неговото тело. Секој провинциски храм бираше сопствени реликвии, па така еден прст на светецот достигна сума од илјада златници.
Потоа дојдоа нови првосвештеници. Еден од нив во училиштата ги отфрли сите научни теории за настанокот на светот, особено онаа за потеклото и развитокот на човекот, а Земјината плоча одново беше сфатена како средиште на вселената. Друг пак реши годините да се пресметуваат наназад, па така се тргна во пресрет на тоа што било и тоа што ќе биде на светов и веков.
Градовите од поодамна изобилуваат со разни натписи на архаичен јазик и писмо, меѓу кои најмногу се истакнуваат забраните, како онаа за фрлање камења по возовите. Мора да се забележи дека возовите сè поретко минуваат, а трговијата спадна на проста размена на продукти. Веќе се заборави кога излезе последниот весник, зашто вестите одамна се пренесуваат преку гласници, кои тропаат на барабани. Сега тие гласници сè почесто зборуваат за можни војни со соседните државички кои исто така имаат свои вери и свои храмови. Но Творецот е на наша страна. Ние сме правоверните. Ние ќе победиме!
Пророк Евтаназиј
Во летото 1700
кон Првото Негово Доаѓање